Избегната сензација во Купот: Храбриот Аеродром до крај го намачи Пролет

Ракометарите на Пролет потешко од очекуваното го совладаа прволигашот Аеродром, со резултат 35:33, во рамки од елиминациските натпревари во Купот на Македонија и обезбедија пласман во четвртфиналните групи, односно место меѓу 16-те најдобри.

Аеродром на овој дуел, кој беше одигран во спортската сала ,,Македонско Сонце” беше формално домаќин.

Првиот дел мина во голема борба за секоја топка, двете екипи имаа свои моменти и падови, а ракометарите на Аеродром во најголемиот дел беа во резултатска предност. Откако Пролет имаше водство од 4:2, избраниците на Петровски направија одлична серија од 4:0 и го презедоа водството, поведоа со 6:4 во 8 минута. Пролет му дозволи на ,,домаќинот” да ги покаже своите квалитети, па така Аеродром во два наврати имаше ,,плус три” (9:6, 10:7).

Составот на Пролет во последниот дел од првите 30 минути се врати во игра, направи пресврт и поведе со 11:10. Аеродром беше упорен, ги имаше расположените Анакиевски и Пајкоски и беше чекор пред фаворизираниот тим, кој попушти во финишот од првото полувреме. Прволигашот успеа да се консолидира, одржуваше предност, но немаше голема комоција во играта. На пауза резултатот беше 19:17 за составот на Петровски.

Избраниците на Лембанов за неколку минути игра во продолжението израмнија на 20:20 и на двапати не реализираа за преземање на водството. Храбрите момци на Петровски во 35 минута водеа со 21:20, додека во 40 минута резултатот беше нерешен, 22:22. Во тој момент Пролет ги презеде работите во свои раце, поведе со 23:22, потоа зголеми на  26:22, но никако не можеше резултатски да се оддалечи.

Ракометарите на Аеродром постојано се закануваа, во 52 минута намалија на минус два, 31:29, и на речиси пет минути пред финишот не реализираа за гол негатива. Пролет сѐ почесто грешеше во нападите, не погодуваше од чисти позиции и тимот на Аеродром го казни невниманието на Пролет, намали на 33:32. Палевски со гол од пенал зголеми на 34:32 и стави крај на големата драма во ,,Македонско Сонце”.

Најефикасен во победничката екипа беше Иван Џонов со седум гола. Кај Аеродром се истакнаа Никола Анакиевски со десет и Филип Пајкоски со осум гола.

Куп на Македонија, елиминации:

Јехона – Бутел Скопје 30-53
Вардар – Мулти Есенс 43-18
Аеродром – Пролет 33:35
09.дек 18:30 Вардар Неготино – Партизан Гевгелија
09.дек 19:30 Тиквеш – Кичево
10.дек 12:00 Јуниор КВ – Драчево
10.дек 12:00 Алкалоид – Астраион
10.дек 14:00 Прилеп – Металург РА
10.дек 15:30 Голден Арт – Овче Поле
10.дек 16:00 Еурофарм Пелистер – Текстилец
10.дек 16:00 Радовиш – Преспа
10.дек 17:30 Младост Богданци – Охрид
10.дек 18:00 Струга – Македонија ЃП
10.дек 19:00 Еурофарм Пелистер 2 – Шампион
10.дек 19:30 Скопје – Бисинов
11.дек 17:00 Куманово – Голден Арт 2