Еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, данскиот вицепрвак Фредериција, полека го комплетира ростерот за новата сезона.
Клубот во своите редови го донесе левиот бек Мадс Андерсен, кој во изминатата сезона настапуваше во Бундес лигата, таму го носеше дресот на Бергишер.
Андерсен во најквалитетната лига на светот имаше импресивни партии и сезоната ја заврши со 102 гола. Беше на радарот на неколку екипи, но младиот ракометар одлучи да ја прифати понудата на Фредериција.
Освен Андерсен, во клубот пристигнува и еден од најголемите таленти од Шведска – десниот бек Каспер Палмар.
20-годишниот ракометар во Данска ќе го има првото интернационално искуство, во досегашниот тек од неговата кариера беше член на Иштад.
На Светското младинско првенство во Германија (2023) беше меѓу најдобрите стрелци, постигна 49 погодоци, додека најдобриот стрелец, средниот бек Елиас Елефсен а Скипатогу имаше 55.
Првиот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Фредериција ќе се одигра на 25/26 септември во Битола, додека втората пресметка меѓу двете екипи на 19/20 февруари, 2025.