Горига имал вирус – завршил во болница

Вардар на дуелот од 6. коло од плејофот играше без „бомбардерот“ Дмитро Горига. Тој ноќта пред мечот имал вирус, повраќал и завршил во болница. И без него „црвено-црните“ победија, овојпат со 30-27 против соседите од Автокоманда.

Тренерот Иван Чупиќ потврди дека Горига имал здравствен проблем и затоа не бил во составот, но „без секого се мора“, па така скопјани играа со Малус, Педро, Митровиќ во бековската линија а во игра беше и Боно. На трибините останаа Кеита, Еспиња, Пинто, Стаменковиќ, Кавада.

Стручниот штаб воопшто не сакал да ризикува, зашто Горига е многу попотребен за следните мечви од Лига Европа каде скопјани треба да играта со Монпелје во четвртфиналето и да се борат за место на Ф4 турнирот во Хамбург.

Украинецот кој доби македонски пасош е најдобриот стрелец во екипата со 108 гола досега во првенството, а Митровиќ е втор со 100, а Јака Малус има 97 гола.

Неговото останување во Вардар беше енигма, но денеска беше потврден како засилување за ПИК Сегед во следните две сезони, и таму заминува веќе во јуни. Унгарците потпишаа двегодишен договор.