Вардар стана ноќна мора за тимот на Лазаров – милиметри го делат од титула!

Ракометарите на Вардар славеа со 30-27 против „сино-белиот“ тим на Кирил Лазаров и сега во преостанатите четири кола од суперлигашкиот плеј-оф ќе им треба уште еден бод за и математички да ја потврдат титулата.

На мечот на кој се славеше вардаровиот 65 роденден избраниците на Иван Чупиќ по првиот дел водеа против тимот од Автокоманда со 17-14. Ова беше петта победа сеознава во петтиот натпревар за Вардар во дуелите меѓу овие два тима.

Сега Вардар има 54 бодови на првото место, додека на делбата на второто место се Охрид и Еурофарм Пелистер со по 44 бодови и на „црвено-црните“ момци ќе им фали само уште еден бод во „вечното дерби“, а и пораз до три гола разлика ќе ги промовира во шампиони.

Беше нерешено 4-4 по десетина минути со погодоци на двете страни, но Валах почна да брани, вардарци почнаа да ја играат својата игра. Малус погодуваше низ одбраната на „сино-белите“ и со три гола по ред, домаќините отидоа на 9-6.

По слично сценарио како и во Струмица на Ф4 во Купот на Македонија на дуелот меѓу овие две екипи, се одвиваше првиот дел, па Николов намали на минус два, 12-10. Кога домаќините стигнаа до плус четири, 14-10, Лазаров мораше да бара тајм-аут.

По минутата одмор гостите заиграа подобро, но во финишот направија две грешки, што Вардар не пропушти да ги казни и да замине на одмор со солидна залиха од три погодоци, иако тоа не беше гаранција за мирен втор дел.

На стартот на второто полувреме вардарци ја достигнаа дотогаш највисоката предност, 21-16 и беше јасно дека тимот на Лазаров, кој мораше да игра без Ѓорѓиев, Марко Митев, Никола Костески…нема што да бара на овој натпревар.

Валах продолжи да блеска, немаа многу решенија во нападот гостинските ракометари, па Лазаров одново бараше тајм-аут. Ниту Ѓорговски, ниту Митев не погодуваа…па Вардар ги казни и тие грешки за 27-21.

Гостите врзаа два гола во серија, 27-23, но тоа беше премалку за финишот да биде поинтересен, па Вардар рутински успеа да ги одработи последните десетина минути од натпреварот. На пет минути до крај Лазаревски доби трето исклучување и црвен картон, но тоа не беше проблем за домашните.

Осум гол за Вардар даде Малус, пет Воркапиќ, а голманот Валах имаше 13 одбрани. Кај гостите се истакна Костески со шест гола.

Следен предизвик за „црвено-црните“ ќе биде двомечот со францускиот Монпелје од четвртфиналето на Лигата на Европа на 28 април и на 5 мај.