СЕДМЕРЕЦ: Паски, „еxcuse moi“, ама Македонија пак е подобра

Со малку подруга стратегија од онаа јануарска, македонската репрезентација ја помина Романија во првиот бараж за СП 2023

1.Скопската „осумка“ по втор пат решавачка

„Excuse moi“ во збунка или во шега му рече Кире Лазаров на француски на својот поранешен шпански тренер Чави Пасквал, на прес-конференцијата по убедливата, а по два дена се покажа и решавачка, победа на Македонија против Романија во првиот натпревар од првиот бараж за СП 2023 во Скопје. Ова извинувањето беше за доцнењето на нашите на пресот, додека се поздравуваа и се пробиваа низ публиката желна за натпревари и уште повеќе за вакви победи.

Не знам како се поздравиле македонскиот и романскиот селектор во Букурешт, ама Кире слободно можел да му каже: „Паски, excuse moi, ама Македонија пак е подобра!“

Па дури и кога не игра најдобро, ни за око, а богами, ни за уво, барем по она што го фати камерата на македонската клупа на реваншот во Букурешт.

Македонија ја елиминира Романија во баражот, па безмалку, на идентичен начин како во оној претходниот кога битката беше за СП 2019. И тогаш и сега славниот шпански тренер беше еден од главните адути на Романија во обид да се врати на големите натпреварување. И тогаш во 2018 и сега во 2022, Македонија е поуспешна во вкупната пресметка и продолжува понатаму. И тогаш и сега клучна беше скопската победа со идентични осум гола разлика (тогаш 32-24, сега 30-22). И тогаш во Клуж и сега во Букурешт се одеше на втора победа, а всушност се бранеше предноста и на крај завршуваше со резултатски небитен пораз (тогаш со 25-26, сега со 22-24).

Битно, целта е остварена. Македонија ја помина првата бараж пречка и оди на втората против Чешка за пласман на СП 2023 и за задржување на континуитетот на големите натпреварување. И со Чесите си имаме добра традиција низ оние драматични квалификациски и бараж пресметки во изминативе десетина години. Но, за тоа има време да се собира и одзема до новата бараж пресметка на 13 април, по трет пат во Злин.

Сега некако повеќе е ред да се сумира што имаме позитивно и негативно од овие два натпревари со Романија, први после трите порази на ЕП во јануари.

ФОТО: Сорин Пана | 24Ракомет

2.Тале и публиката ја направија разликата

Малку поинаква селекција и подруга стратегија од онаа на ЕП и веднаш се виде разликата. А, меѓу редови, преќутно, можеби и се призна и дел од грешката. Што на крај на денот, пак е некоја позитивна насока.

Како и да е, овој пат во баражот влогот беше преголем за да се форсира и експериментира со националната селекција по секоја цена.

Полна мобилизација и остварена прва цел. Да не заборавиме, овој прв бараж за Македонија всушност беше „поправен“ за лошиот настап на ЕП. Вториот бараж со Чешка е веќе таму каде што требаше да бидеме ако и во Дебрецин „ја остваревме целта“, спречени што од објективни, што од субјективни причини. Но, тоа сега секако е веќе зад нас. А, она што е пред нас е токму тоа што го видовме од македонската репрезентација во четвртокот во „Борис Трајковски“.

Се врати публиката желна за натпревари и за победи, се разигра Македонија. Девет од првите десет гола за Македонија ги постигнаа Филип Талески и Филип Кузмановски, во ефикасно лидерско издание. Тоа се чека со години и токму таква треба да биде идината на македонската репрезентација! Со радост потскокнувавме сите во салата.

Со сета почит за поддршката и пожртвуваноста на оние неколку што останаа од постарата генерација да помогнат тука-таму со своето искуство и авторитет, но времето не се сопира. Помагајте, но ослободете им ги крилата на оние што треба да полетаат и да ја носат македонската репрезентација во наредните 10-15 години.

Филип&Филип покажаа дека можат. Томовски може…И публиката во сала и јавноста го препознава тој нов импулс и критиките онака по македонски, експресно брзо станаа овации.

Публиката во „Борис“ не му скандирала на Филип Талески уште од времето кога го торпедираше Кил во дресот на Металург. Му скандираше повторно во четвртокот, а Тале со „десетката“ чесно си ги заслужи сите аплаузи. За него мелем и негова победа на сите оние критики што ги трпи со години. За македонската репрезентација голема добивка и враќање на вербата дека има кој и има со што и во иднина.

Нема да биде секогаш „десетка“, ниту пак ќе бидат секогаш само аплаузи и овации, да бидеме реални. Ова е Македонија се менуваат табори и расположенија побрзо од светлината. Кој го сфати тоа, ќе може полесно и на пофалби и на критики да врати со насмевка…а, некогаш и со „десетка“.

3.Павле блесна, селекторот се изнаигра

Штета што македонската репрезентација не продолжи во истиот скопски ритам и на реваншот во Букурешт, иако на крајот целта, и вака и така, беше остварена. Можеби позитивата си го направи своето. Можеби прочуената одбранбена тактика на Чави Пасквал исто така ни ја „пресече играта“. Можеби и тапаните на трибините во Букурешт биле прегласни..кој ќе ги знае?! Но, вториот бараж дуел во Букурешт не беше ни блиску налик на оној првиот од Скопје.

Во очобол натпреварот, сепак имаше и по некој блескав момент. Највпечатливо во Букурешт дебитантски блесна младиот бек на Еурофарм Пелистер 2, Павле Атанасијевиќ. Доби десетина минути на терен и максимално си ги искористи и воопшто не делуваше збунето дебитантски. Напротив, покажа дека во него има репрезентативен потенцијал и дека е играч што заслужува и внимание и минути на терен.

Ова доаѓа некако како противтежа на она другото што остана како белег во играта на македонската репрезентација на овој втор меч со Романија – кога треба да се брани резултатот и пласманот, селекторот пак најмногу да се потпре на она што е старо и проверено. И од сите на клупата, на крај сепак, најмногу да си верува само на самиот себе!

Одигра безмалку 60 минути (на тие години, секоја чест), постигна 6/12, а сите други бекови заедно имаа 9 /15, ја организираше играта, држеше тајм-аути, ги караше помошниците со тефтерите на клупата како да се на прв модул во Дојран, а не во бараж со репрезентација…На крај бевме уморни и тој што трчаше и ние што гледавме и тие што се плашеа да не ги искара и оние што требаше да играат уплашени да не погрешат.

За среќа, на крај сè е добро кога добро ќе се заврши. Помина Романија, доаѓа Чешка… И тоа што било брзо се заборава, до некоја следна прилика.

“Excuse moi”, фали малку доверба, или само мене така ми изгледа?