Битолчани активни – Еурофарм Пелистер донесе засилување од Вардар

Екипата на Еурофарм Пелистер продолжува да го создава тимот за следната сезона, а за таа цел веќе ангажираше неколку ракометари. Меѓу нив последното ново име доаѓа од редовите на Вардар.

Младиот лев бек, Дејан Кукуловски во новата сезона ќе го облече дресот на Еурофарм Пелистер и ќе се бори за место со тимот кој претендира да биде конкурент на Вардар во трката за титулата во првенството, но во Купот на Македонија.

Кукуловски собираше искуство во последните сезони играјќи за првиот тим на Вардар, но и за Вардар јуниор. Сега она што го стекна тренирајќи и повремено играјќи со ѕвездите на вардарци кои беа европски шампиони во минатата година ќе треба да го потврди и во Битола.

Се работи за млад играч кој четири години беше дел од младинската селекција, а во 2017 година играше и на Светското првенство на кое Македонија го освои 6. место.

На собирот во декември во подготовките за Европското првенство тој беше дел од сениорската селекција на Македонија, а беше и на Трофеј „Карпати“.

Тимот на Еурофарм Пелистер досега ги донесе десниот бек од Хрватска, младиот Матео Мараш, репрезентативецот на БиХ, Јосип Периќ, како и репрезентативецот на Македонија, Марио Танкоски. Покрај тоа останаа дел од играчите кои лани настапуваа. Еурофарм Пелистер ги задржа репрезентативците на БиХ, Елмир Граџан и Марио Вегар, десниот бек Невен Стјепановиќ и десното крило Милан Ѓукиќ.

Досега е познато дека тимот го напуштија Владислав Остроушко, Ловро Јотиќ и Александар Шевелев. Останува да се види дали и други играчи ќе заминат, но јасно е дека формирањето на тимот за новата сезона е веќе при крај.