Стјепановиќ го продолжи договорот, останува во Еурофарм Пелистер уште една сезона

Откако минатата недела потпиша со македонскиот репрезентативец Марио Танковски, тимот на Еурофарм Пелистер денес ја продолжи соработката со интернационалецот од Босна и Херцеговина, Невен Стјепановиќ.

Како што најави 24Ракомет пред повеќе од еден месец, десниот бек и клубот усно ја договорија соработката, а сега беше ставен потпис на договорот. Стјепановиќ потпиша договор со важност до 2021 година и најмалку уште една сезона ќе игра во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Босанецот пристигна во Битола од Спортинг и минатата сезона беше важен дел од екипата се до повредата против Мешков Брест во СЕХА  лигата. Беше опериран на крајот од минатата година и неговата рекуперација е пред крај. Се очекува на почетокот од подготовките за сезоната 2020/21 да му се стави на располагање на тренерот Жељко Бабиќ.

Пред да дојде во Битола, Стјепановиќ настапуваше Локомотива Брчко, Војводина, Духаил, Железничар Ниш и Спортинг, а исто така има настапи за сите репрезентации на Босна и Херцеговина.