Битолчани остануваат без најдобриот стрелец: Остроушко заминува од Еурофарм Пелистер!

Најдобриот стрелец на Еурофарм Пелистер во деби сезоната во Лигата на шампионите, Владислав Остроушко, го заврши својот престој во Битола.

Иако тој минатото лето требаше да биде засилување за романската Дунареа Калараши, сепак по финансискиот колапс на овој тим, се врати во Битола, откако претходно беше една сезона дел од Еурофарм Пелистер.

Сезонава постигна 65 погодоци во групната фаза од ЛШ, а беше и меѓу лидерите на тимот во регионалната СЕХА лига. Иако битолчани му понудиле нова соработка на Украинецот, сепак тој не прифатил.

Ако се знае дека од Битола си заминуваат и Ловро Јотиќ и Олександр Шевелев, Еурофарм Пелистер ќе мора да ангажира уште неколку засилувања за следната сезона за да биде конкурентен во меѓународните натпреварувања, но и на домашна сцена.

Првото веќе е обезбедено откако договор на три години потпиша Марио Танкоски.