Шевелев потврди: Заминувам oд Еурофарм Пелистер!

Еден од триото кружни напаѓачи во битолски Еурофарм Пелистер нема да остане во овој тим следната сезона.

Олександр Шевелев, кој своевремено го носеше дресот и на гигантот Сиудад Реал, за украинските медиуми откри дека заминува.

„Од 1 април има засилени мерки во Македонија, а за викенд е потполна изолација. Казната е 2.000 евра. Суперлигата е откажана и менаџментот се занимава со решавање на останатите плати, односно за процентот на намалување. Мојот договор истекува на крајот на оваа сезона и нема да биде продолжен“, изјави Шевелев за украинските медиуми.

Тој беше на прагот да замине уште во декември, но иако не одигра ниту еден официјален натпревар поради повреда во пролетниот дел за Еурофарм Пелистер, сепак се уште се води како играч на битолчани.

Тренерот Жељко Бабиќ на пивотменската позиција ги има на располагање Елмир Граџан и Никола Маркоски, но ќе мора да се бара и трета опција за новата сезона.