Традицијата продолжува во Охрид откако домаќинот го совлада актуелниот македонски шампион 29-27(12-10) и го продолжи владеењето на тронот на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“.
Во ланското финале Охрид беше поуспешен од тогашниот актуелен шампион Еурофарм Пелистер, а во годинешното финале го совлада Вардар со резултат 29-27(12-10) и ја потврди својата позиција на 5. издание од овој традиционален меморијал.
Двете екипи настапија во некомплетни состави. Кај Вардар недостасуваа Лазаревски, Јанковски, Бомаштар, бразилскиот интернационалец Да Силва, десниот бек Мохаб Абделхак и Јака Малус. Охрид беше без Јагуриновски, додека Стрмљан, Мате, Иванковиќ и Џукиќ беа во составот но со помала улога на терен особено во првиот дел. Бојан Блажевски стоеше меѓу стативите во првите триесет минути,а потоа продолжи новото засилување Дино Славиќ.
Љевар го постигна првиот гол на натпреварот, по што се играше отворен ракомет, со брзи напади и лесни погодоци на двете страни. Вардар во почетниот период имаше минимална предност, но ниту еднаш не успеа да се одлепи на повеќе од еден гол.
Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, го започна натпреварот со македонска постава. Во текот на полувремето во ротацијата постепено ги вклучуваше Јошида, Кеита, Мате, Џукиќ и Стрмљан, додека Иванковиќ доби шанса во завршниот дел. Џукиќ првпат влезе во игра во 13. минута.
На спротивната страна, Иван Чупиќ немаше голем простор за ротација. На клупата му беа искусниот Гоце Георгиевски, Махмаду Кеита, голманот Гогов и младинците Ѓорчевски, Георгиевски и Поповски.
Во 15. минута Митровиќ имаше можност да погоди во празната мрежа на Охрид,за првите два гола разлика, но неговиот удар од сопствената половина заврши надвор од целта. Домаќинот ги искористи грешките во нападот на Вардар и преку Савревски стигна до пресврт и во 18. минута поведе со 8-7.

Неизвесната и изедначена борба продолжи до самиот финиш на првиот дел. Мате во 26. минута реализираше удар од седум метри за 11-10, а Ќосевски во 29. минута го донесе првото водство од два гола за Охрид, 12-10. Со тој резултат екипите заминаа на пауза.
Тренерот на домаќините го започна вториот дел со изменет состав, кој го предводеше Стрмљан. Охриѓани ја користеа конфузијата во нападот на Вардар и нивните грешки ги казнуваа, па во 40 минута го дуплираа водството од полувреме за 17-13. Додека во составот на Вардар гледавме интересни опции во нападот, Охрид имаше неколку шанси и за пет погодоци разлика. Грешките во нападот на домашните му овозможи на десеткуваниот противник да ја одржува неизвесноста во дуелот. Разликата се движеше меѓу два и четири голови, а дури во 55 минута преку Доминик Мате Охрид ја сруши бариерата од „плус пет“, 26-22. Иако веќе беа познати многу работи на теренот, вардарци не се предадоа, со пресинг игра дојдоа до минус два, но „изненадувањето“ од тренерот Чупиќ немаше комплетна реализација. Охрид успеа да ги сочува нервите и капиталот за конечни 29-27.
Најефикасни кај Охрид беа Мате со 6 голови Кеита постигна 5 гола, а Јошида и Ќосески постигна по четири. За Вардар Фадуил погоди 8 пати го следеше Воркапиќ со 7, додека Љевар постигна шест гола.
Двете екипи ќе се сретнат третпат за три недели, бидејќи ќе играат и за трофејот во Супер Купот, меч што е закажан за 19:00 часот во салата „26 април во Гевгелија“.
























