Босанското дуо е верно на битолчани: Граџан и Вегар продолжуваат со Еурофарм Пелистер!

Откако го донесе првото засилување за новата сезона, бекот Марио Танкоски, тимот на Еурофарм Пелистер ја продолжи соработката со двајца ракометари од актуелниот играчки кадар. Босанските репрезентативци Елмир Граџан и Марин Вегар, ќе останат во Битола најмалку уште една сезона.

Граџан е еден од ракометарите со најдолг стаж во тимот на „фармацевтите“, бидејќи дојде уште на почетокот на сезоната 2017/2018  кога на кормилото беше Илија Темелковски.

Вегар, пак, кој дојде лани летоска остави добар впечаток низ натпреварите од СЕХА лигата и Лигата на шампионите, имаше потпишано 1+1 година, па сега се активира и втората година од договорот. Блиску до нов договор е и десниот бек Невен Стјепановиќ, кој би требало да остане во Битола исто како и Вегар и Граџан уште една сезона.

Тренерот Жељко Бабиќ остана без услугите на двата најдобри стрелци – Ловро Јотиќ и Владислав Остроушко кои веќе си заминаа од Битола, а во дресот на Еурофарм Пелистер нема да го гледаме ниту пивотменот Олександр Шевелев.