„Најлесно се преговара со Словенците, најтешко со Вардар“

Братислав Илиќ откри со кои клубови најлесно ги завршувал трансферите, а со кого преговорите биле најтешки. Сепак, за Вардар и Михајло Михајловски зборува со голема почит.

Во повеќе од три децении на ракометниот трансфер-пазар, менаџерот Братислав Илиќ преговарал со клубови од речиси сите силни европски првенства.

Иако секој клуб има различен начин на работа, Илиќ вели дека најлесно постигнувал договор со Словенците.

„Најлесно се преговара со Словенците. Тие долго време работат професионално и имаат традиција уште од времето на поранешна Југославија“, вели Илиќ.

На другата страна го постави Вардар и долгогодишниот прв човек на клубот, Михајло Михајловски.

„Најтешко беше да се преговара со Вардар и со Михајло“, откри Илиќ.

Сепак, неговата изјава не беше критика. Напротив, Илиќ објасни дека Михајловски добро ја познава вредноста на играчите и дека во преговорите е многу тешко да се издејствува нешто повеќе од она што реално може да се добие.

„Михајло е авангарда. Тој ја знае вредноста. Но ако те прифати и ако стекне доверба во тебе, тогаш повеќе никогаш немаш проблем.“

Според Илиќ, одредени работи во таквата соработка се договараат само еднаш.

„Некои работи се кажуваат на почетокот, а потоа веќе не мора да се повторуваат. Кога постои доверба, сè оди многу полесно.“

Тој истакнува дека нема проблеми во соработката со македонските клубови и дека преговорите секогаш се обидува да ги води директно и без непотребно одолжување.

„Јас имам свој начин на работа. Сакам да се насмеам, сакам да разговарам лице в лице и сакам работите да бидат директни. Кај мене преговорите траат пет минути, не подолго.“

Илиќ има реализирано повеќе трансфери поврзани со Вардар и со македонскиот ракомет. Токму затоа добро го познава начинот на кој функционирале големите клупски проекти во земјава.

Според него, најголемите трансфери честопати биле најлесни за завршување.

„Големите трансфери во Вардар се завршуваа за 24 часа. Најголемите трансфери се најлесната работа. Оние помалите се многу потешки.“

Кај помалку познатите играчи, клубовите бараат многу повеќе информации, статистики, лекарски прегледи и дополнителни гаранции.

Целиот разговор со Братислав Илиќ можете да го прочитате на следниот линк:

Ракометен менаџер открива: Голем дел од трансферите ги договарам со сопругите

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________