Ракометарите на Нексе продолжуваат со слабите партии оваа сезона во хрватскиот шампионат и на последниот натпревар со Пореч одиграа само реми, 28-28.
Иако на полувремето водеа со 13-10, сепак на крајот момците на тренерот Веселин Вујовиќ мораа да се задоволат само со бод, а овој кикс може да ги оддалечи од второто место и битката за финалната серија со Загреб.
Вујовиќ беше лут по натпреварот на своите избраници.
„Тие беа подобри во сите сегменти. Во првото полувреме се жалевме на судиите, а во второто требаше да се жалиме од самите себе. Има моменти кога тренерот би исчезнал од клупата од срам како екипата игра и реагира, но за жал немаме таква можност. Ова мора се анализира на ниво на клубот. Никој не обвинувам, сепак оваа екипа ја наследив, но и покрај тоа преземам одговорност. Недопустливо е да играме вака срамно дома. Постои некоја негативна енергија, што и да работиме џабе е…Јас како тренер сакам ‘рудари’, но овде имам ‘инженери’, никој не сака да работи и да ‘копа’. Сите мислат дека се големи ѕвезди и дека светот се врти околу нив. Мислам дека се лажат, но ќе видиме“, вели Вујовиќ.
Загреб е прв на табелата со максимален биланс и 16 бода, додека Нексе е втор со 10. Сесвете е трет со осум бода, но и меч помалку кој ако го добие ќе се израмни со тимот од Нашице на второто место и ќе ги закомплицира работите.
До крајот на групната фаза од плеј-офот остануваат уште две кола, но овој кикс може скапо да го чини Нексе. Тимот на Вујо до крајот игра дома со Винковци и на гости кај Загреб, додека третопласираниот Сесвете игра против Винковци, Вараждин и Пореч, и ако слави на сите три, а Нексе загуби кај Загреб, тогаш Сесвете ќе биде втор и ќе бие битка за титула со Загреб.