И покрај тоа што пред клучниот меч дури отишле и во црква да се помолат за спас, ракометарите на Лајпциг не успеа да ја избегне катастрофата и по 11 години испадна од Бундеслигата.
Приказната за Лајпциг оваа сезона доби речиси неверојатна димензија. Германските и унгарските медиуми објавија дека во обид да се спасат од испаѓање, ракометарите на клубот пред решавачкиот натпревар со Мелсунген отишле и на богослужба во црквата „Свети Никола“ во Лајпциг. Но ни тој потег не помогнал, а Лајпциг загуби со 33-27, а само неколку дена подоцна и дефинитивно стана јасно дека клубот се сели во Втората Бундеслига.
Испаѓањето беше потврдено по поразот од Лемго, со што заврши 11-годишниот прволигашки престој на клубот. Според германските извештаи, Лајпциг имаше само теоретски шанси за спас, но разврската на крајот беше сурова, еден од познатите клубови во германскиот ракомет од следната сезона ќе игра во понизок ранг.
Во целата таа лоша слика, една од ретките добри вести за клубот е дека Деан Бомбач останува. Лајпциг уште во април официјално објави дека словенечкиот организатор на играта потпишал договор до 2027 година, валиден и за првата и за втората лига. Тоа значи дека искусниот бек ќе биде еден од главните адути во мисијата за експресно враќање во елитата.
Но, останувањето во клубот ќе има и финансиска цена. Според германските медиуми, дел од играчите што остануваат по испаѓањето ќе мора да прифатат намалување на платата до 30 проценти. Во исто време, буџетот на клубот за следната сезона ќе биде значително скратен – од досегашните околу 8,5 милиони евра, Лајпциг ќе падне на вкупен буџет од околу 5 милиони евра во Втората Бундеслига.
И покрај тоа, амбицијата во Лајпциг не се менува. Од клубот јасно порачуваат дека испаѓањето го гледаат како „оперативна грешка“ што мора да биде исправена веднаш и дека целта е тимот во следната сезона да функционира како „19. бундеслигаш“, односно веднаш да нападне враќање во елитата. Германските медиуми дополнуваат дека половина од новиот буџет, односно околу 2,5 милиони евра, ќе оди за играчкиот кадар.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________






















