Овче Поле СУ го освои турнирот во Гостивар

Екипата на Овче Поле СУ од Свети Николе е победник на шестото издание на традиционалниот турнир во Гостивар, кој го организираше ракометниот клуб Јехона и беше наменет за ракометарки родени во 2012 и 2013 година.

Младите ракометарки од Свети Николе до трофејот стигнаа со две победи. Во полуфиналето беа подобри од Деспина од Прилеп со 26-19, а во големото финале го совладаа домаќинот Јехона со 23-20.

Во натпреварот за третото место се сретнаа екипите на Деспина и Пантери Кале од Кичево. По неизвесна борба, победата им припадна на кичевчанки, кои славеа со минимални 11-10 и го освоија бронзениот пехар.

Турнирот во Гостивар годинава го доживеа своето шесто издание и уште еднаш потврди дека претставува значајна манифестација за развојот на младинскиот женски ракомет во Македонија. Организаторот Јехона, успешно ја продолжува традицијата и им овозможува на младите ракометарки дополнителни натпревари и драгоцено искуство.