Женската регионална лига што од оваа сезона ќе почне да се игра ќе вклучи и две македонски екипи, Ѓорче Петров и Чаир, кои според пласманот изборија право да играат со осум тимови од вкупно пет земји од регионот. Сезонава вкупно десет екипи ќе играат во Регионална лига: Ѓорче Петров, Чаир, Наиса, Црвена Звезда, Будуќност, Левалеа, Локомотива Загреб, Подравка, Крим и Ајдовшчина.
Според договорот екипите ќе бидат поделени во две групи, според квалитетот и силата, со цел да имаат што поизедначени натпревари. Македонските екипи Ѓорче Петров и Чаир ќе бидат во иста група, а со нив заедно ќе бидат уште и екипите на Наиса, Ајдовшчина и Левалеа. Во другата група ќе бидат Крим, Будуќност, Подравка, Локомотива Загреб и Црвена Звезда.
Втората група е многу посилна и со мечевите од регионалната лига ќе добијат уште подобра подготовка за мечевите во европските купови односно во Лигата на шампионите. Истото се однесува и за групата во која се Ѓорче Петров и Чаир, каде се екипи кои ќе играат најмногу во Купот на ЕХФ, или во Лига Европа, но се со послаб квалитет од другите.
Меѓусебното играње ќе им донесе повеќе квалитетни и израмнети натпревари, и во текот на сезоната ќе се разговара за играње на лига систем. Сега оваа сезона лигата ќе се игра турнирски, во секоја земја по најмалку еден турнир.























