Жестока расправија во Будимпешта: Пинтеа нападна новинар на прес-конференција!

Кружниот напаѓач на ЧСМ Букурешт, Крина Пинтеа, влезе во жестока вербална расправија со новинар по поразот од Мец во полуфиналето на женската Лига на шампионите со 31-27.

Инцидентот се случил на официјалната прес-конференција по натпреварот, кога романски новинар ја прашал Пинтеа за ситуацијата што се случила меѓу неа и предводничката Бојана Поповиќ за време на мечот. Воедно, новинарот алудирал и на можни проблеми во клубот по сезоната во која ЧСМ Букурешт остана без трофеите во домашното првенство и Купот.

Видно вознемирена, Пинтеа остро возврати.

„Можете ли да престанете? Или треба јас да ве сопрам? Ако барате скандал, не ви е местото тука. Ако имам нешто да ѝ кажам на Бојана, ќе ѝ го кажам директно. Никој не ме смируваше. Само сакав работите да ни тргнат како што треба. Уморна сум од вакви приказни. Би било убаво да ги видите убавите работи што ги направивме, наместо постојано да барате скандали“, изјави Пинтеа.

Откако новинарот посочил дека таа и Поповиќ седеле оддалечени една од друга на прес-конференцијата, романската ракометарка се приближила до тренерот и објаснила дека причината е единствено распоредот на столчињата и микрофоните.

„Еве ја столицата, еве го микрофонот. Нема никаков проблем“, кратко одговорила Пинтеа.

Тензијата продолжила и по следното прашање, кога новинарите ја прашале дали градските власти на Букурешт ќе продолжат да го финансираат клубот по ваквите резултати.

„Навистина мислите дека тоа е прашање за мене? Само што завршив натпревар. Тоа нема никаква врска со случувањата на теренот. Очигледно, скандалот е она што ве интересира“, додала Пинтеа.

ЧСМ Букурешт беше поразен од Мец во полуфиналето на Ф4 турнирот во Будимпешта и остана без можност да се бори за европската титула, а романскиот тим ќе настапи во натпреварот за третото место.