СЕДМЕРЕЦ: Репрезентација без навигација

Женската репрезентација на Македонија е пред „историски“ пласман на ЕП 2024, но многу работи остануваат отворени и нејасни

1.Што е целта ако се пласираме на ЕП?

„Немам слика што е она што ќе го бараме на ЕП и тоа ми е чудно, не знам што да очекувам“ – искрено признава Едуарда Аморим Талеска, помошник тренер на селекторот на женската репрезентација на Македонија во саботното интервју за 24ракомет. Забелешката по малку не остава во чудо на неколку дена пред последните два натпревари од квалификациите во кои македонската репрезентација се очекува да го потврди „историскиот“ пласман на ЕП 2024.

Не знам дали е отворена „Пандорина кутија“, дали е професионална проценка на некој што во кариерата има освоено сѐ што може да се освои, со пет титули во ЛШ и светска круна од СП, и добро знае и што е успех и кој е патот до него, а овде насоките се малку измешани. Или забелешката на Дуда едноставно, е соочување со македонската ракометна реалност. Јавно и директно, „погодак у сриду“ што бил рекле во Далмација.

„Каде сакаме да бидеме ако се пласираме на ЕП 2024, каде? На 10, 15, 20 место, на 5 место?!“ – се прашува Дуда.

Јавноста бара одговор на ова прашање пред секој настап и на машката и на женската репрезентација. Да знаеме каде тераме, што е успех, што неуспех. Ама одговорот најчесто (не)вешто се избегнува. И убаво што сега истото тоа го прашува и некој што е внатре. Колку и да е по малку чудно и нелогично.

Оценката е дека кај играчите недостасува самодоверба и сон за успех, а во водството недостасува комуникација и недостасува цел… Јасна цел што сакаме и на каде тераме.

Па, логично се наметнува прашањето – Ако стручниот штаб не знае која е целта и поентата, како ќе знаат играчите? За јавноста па ич да не правиме муабет, секако на крај е виновна што имала преголеми очекувања, а цел нема!

2.Експерименти на клупата

Укажувањето од Едуарда Аморим Талеска само ја потврдуваат незавидната положба во која се наоѓа женскиот ракомет во Македонија, а следствено на тоа и националната репрезентација.

Иако декларативната заложба со години наназад е женскиот ракомет да се помести од мртвата точка, практичната реализација е некако постојано без навигација. Шансите доаѓаат и се лизгаат една по друга, а националната репрезентација се претвора во полигон за обука со проекти и експерименти без јасна цел и насока.

Од случувањата со понов датум во последните 2-3 години, прво беше селекторот-повратник, активиран по една и пол деценија да го води „големиот проект“ во женската репрезентација паралелно со машкиот клуб на претседателот. Големиот проект беше ЕП 2022 на кое Македонија како ко-домаќин доби директен пласман и подарена можност по 10 години пауза да се врати на големата сцена. И да тргне напред. Но големиот настан на крај заврши со невпечатлив, повеќе ревијален настап, без конкретна цел и насока освен можеби само што побрзо да се помине на редот со противници како Франција, Холандија и Романија.

Ако противниците на ЕП беа „страшни“, Украина во баражот за следното СП 2023 не требаше да биде, ама испадна дека и репрезентацијата собрана во воени услови за Македонија е непремостлива пречка. Македонската репрезентација остана без пласман на СП 2023 и без можност конечно да фати приклучок и да исчекори напред. Елиминацијата зачинета со нервозни испади и тензија, донесе смена на клупата. Не веднаш, некој месец подоцна, да не испадне дека некој треба да ја признае грешката.

Ново селекторско решение повторно беше тренер на машка екипа. Принципот е ист, во прашање се само нијанси машки и женски. Нејсе.

Селекторот почетник клупски ангажиран како помошник тренер на Блискиот Исток, со помошник почетник кој во меѓувреме учи за тренер, а работи како менаџер и со втор помошник на клупата кој во исто време е пи-ар на машката репрезентација, го сочинуваат стручниот штаб со кој женската репрезентација на Македонија треба да тргне напред. Само фали малку комуникација, и малку повеќе цел и самодоверба!

Не, не е проблем во играчите што не знаат да сонуваат за големи цели. Курцшлусот е малку повисоко во тие што треба да ги постават целите.

3.Шанса за два чекори напред

За среќа, групата во квалификациите за ЕП 2024 не е од оние страшните и отвора шанса за „историски подвиг“. Ако се изземе Шпанија која е супериорно прва, со Азербејџан и со Литванија имаме позитивен скор од првите два дуели и реални шанси тој да се потврди во двата претстојни завршни натпревари. Тоа ќе значи пласман на женската репрезентација на Македонија на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија, прв изборен во последните 12 години.

Суштински гледано и тоа е чекор напред што отвора уште една можност за придвижување на македонскиот женски ракомет. Исто како и  Светското првенство за младинки (У20) на кое летово сме домаќини.

Ако знаеме да ја искористиме шансата и потенцијалот. Плански не кампањски. Со јасно поставена цел и одговорност.

Ако на вистински начин и на вистински позиции го искористиме искуството на големите имиња, таму каде што може најмногу да придонесат, не било каде и по секоја цена.

Ако националната репрезентација биде цел, а не средство и авто-школа…

Е, тогаш е веќе друга приказната. Со сигурно многу појасна сликата што бараме од ЕП, СП или било кој друг настап.