Пелистерци добија моќен спонзорски „ветер во грб“: Три големи компании влегоа во клубот!

Еурофарм Пелистер ја зајакнува својата спортска платформа пред новата сезона. Ракометниот клуб денеска официјално потпиша спонзорски договор со групација која во клубот влегува преку три компании – „Пелистерка“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“, што во Битола се оценува како значаен поттик за стабилност и амбиции на битолскиот ракометен бренд.

Претседателот на клубот, Зоран Стерјев, истакна дека во изминатиот период се работело интензивно на продолжување и зајакнување на ракометната платформа заедно со Општина Битола, но и на привлекување нови партнери кои ќе го поддржат клубот во остварувањето на целите.

„Ќе помогнат во наредниот период клубот да остане на нивото на кое што е и овие изминати години, активно да се бориме за највисоките дострели, во националното првенство за освојување на шампионатот на нашата држава и се разбира националниот куп, а на меѓународен план колку е можно да стигнеме подалеку во некои од европските натпреварувања“, рече Стерјев.

Првиот човек на Пелистер изрази благодарност до сопственикот на групацијата, Цветан Панделевски, и неговиот тим за, како што нагласи, разбирањето кон клубот и желбата да се помогне за заеднички да се направи повеќе.

На настанот се обрати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој порача дека успешната приказна на Еурофарм Пелистер и Општина Битола продолжува и понатаму, а новото партнерство го оцени како „додадена вредност“ што ја зајакнува стабилноста и спортската платформа.

„Вие сте брендот кој го осветли образот и на општината и на градот и на државата во изминатиов период. Со ова денеска објавување, официјализирање на овој партнерски однос, ова спонзорство, значи многу, значи една стабилност која ќе ја зајакне спортската платформа меѓу Општина Битола и „Еурофарм“ и нов поттик за вас секако како спортисти, за градот уште посилно и во едни стабилни услови да продолжиме понатаму да го градиме името на Пелистер“, рече Коњановски.

___________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________