Легендарниот хрватски ракометен тренер Јосип Шојат, човекот кој ја одведе Подравка до освојување на Купот на европските шампиони во 1996 година, во големо интервју за „Вечерњи лист“ отвори тема за која ретко се зборува – како изгледал животот на врвните ракометари во време кога од спортот не можело да се живее. Шојат без задршка признава дека во младоста во Сењ гладувал и дека преселбата во Загреб за него била спас.
Неговата приказна оди уште подлабоко – вели дека ракометот не носел сигурна егзистенција, па морал да работи. Во Загреб, преку луѓе од клубот, работел како ноќен чувар за да заработи. Шојат потенцира дека воопшто не се срами од тоа, напротив – тоа бил единствениот начин да опстане и да продолжи да игра на високо ниво.
Во разговорот се навраќа и на времето кога југословенската лига била меѓу најсилните во Европа, а гостувањата – вистински пекол. Во листата на клубови кои тогаш биле фактор, тој го споменува и Пелистер од Битола како дел од таа жестока конкуренција, нагласувајќи дека „секое гостување било исклучително тешко“.
Посебен момент во интервјуто е и сеќавањето на Анте Костелиќ како тренер од неговата последна сезона како играч – Шојат посочува дека Костелиќ во својата кариера седел и на клупата на Пелистер, покрај Загреб, Партизан, Целје и други. Така, низ лични анегдоти, Шојат потсетува на една поинаква, сурова, но романтична ракометна ера – кога трофеите се бркале со срце, а животот се „покривал“ со работа после тренинг.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.

























