Македонската ракометна мапа доби нов клуб. Ракометен клуб РК Илинден – Илинден, нов спортски субјект со седиште во Општина Илинден, кој веќе предизвикува внимание поради имињата што стојат зад проектот. Меѓу основачите се Жарко Пешевски, Гоце Георгиевски, Давид Савревски и Марио Танкоски. РК Илинден е оформен како класично спортско здружение и формално е подготвен да влезе во системот на натпреварување особено што „на хартија“ функционира повеќе од еден месец.
Жарко Пешевски настапува за екипата на Еурофарм Пелистер и е актуелен репрезентативец на Македонија. Гоце Георгиевски е капитен на Вардар, и долгогодишен репрезентативец. Давид Савревски е дел од проектот на Охрид и тој последниве две сезони го освои Купот на ЕХФ со две различни екипи. Лани играше во Автокоманда, а сезонава во Охрид. Марио Танкоски беше дел од Вардар и е повремен репрезентативец, но е оженет во Скопје, каде веројатно и ќе ја продолжи кариерата.
Сериозноста и тежината на приказната е во тоа што зад новиот клуб стојат играчи кои се во самиот врв на македонскиот ракомет. И речиси сите потекнуваат токму од оваа општина. Токму Пешевски, Георгиевски и Савревски во минатото честопати беа потенцирани во општинските објави како врвни спортски амбасадори кои потекнуваат токму од Општина Илинден, што дополнително ја објаснува логиката и идејата зошто овој проект се раѓа токму таму.
Изборот на Општина Илинден за база на новиот сениорски клуб има и една интересна заднина која гарантира сериозен пристап. Актуелен градоначалник на општината е Александар Георгиевски, кој е брат на капитенот на Вардар, Гоце Георгиевски. Оваа поврзаност јасно навестува дека локалната самоуправа со сигурност ќе застане зад проектот кој има потенцијал да ја раздвижи спортската јавност и да го направи Илинден нов силен ракометен центар во Македонија.
Во моментов во Илинден функционираат младинските погони на Александра и Дарко Јанев, под името на Илинден Вардар. И двајцата поранешни ракометари. Под нивна палка веќе функционираат машкиот кадетски тим и женскиот пионерски тим, кои редовно продуцираат млади ракометни таленти во овој регион, и се дел од натпреварувачкиот систем на РФМ. Имаше и втор младински клуб, Кузман Вардар, но тој во моментов не е во системот на натпреварување на РФМ.
Фактот што вакви имиња влегуваат како основачи отвора неколку логични прашања – дали РК Илинден ќе тргне како клуб со силна база на млади категории, дали ќе се формира и сениорски тим, и колку брзо проектот ќе влезе во натпреварувачки ритам.
Првиот чекор е направен – формиран е клуб. Сега следуваат следните, официјализирање и објавување на плановите.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























