Екипата на Барселона уште еднаш ја потврди својата доминација на домашната сцена, откако триумфираше во Кралскиот Куп на Шпанија и по 30-ти пат во клупската историја го освои престижниот трофеј.
Во големото финале одиграно во Аликанте, каталонскиот гигант немаше никакви проблеми против Бидасоа Ирун и славеше убедлива победа со 37-17. Прашањето за победникот беше решено уште по првото полувреме, кога Барселона имаше огромна предност од 20-8.
На патот до трофејот, избраниците на Карлос Ортега најпрво во четвртфиналето го совладаа Ваљадолид со 38-24, а потоа во полуфиналето беа убедливи и против Нава со 38-27.
Куп натпреварите послужија како идеална подготовка за Барселона пред настапот на завршниот турнир во Лигата на шампионите, кој следниот викенд ќе се одржи во Келн. Ортега направи ротации во составот и одмори неколку важни играчи, меѓу кои Емил Нилсен, Петар Цикуша и Јан Баруфет.























