Тимот на Драчево иако губеше со шест гола разлика на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров, на крајот успеа да извлече бод, 26-26, благодарение на Филип Дабески, кој се врати во ростерот на драчевци по повредата.
Ѓорчепетровци водеа со 14-9 на паузата, потоа и 17-11, а како одмминуваше времето така Драчево стануваше поопасен и ја намалуваше негативата. Израмнија на 22-22, а потоа се играше гол за гол во последните десетина минути.
Домаќинот водеше со 26-25, имаше тајм-аут и напад, но не беше реализиран по одбраната на голманот на Драчево, а потоа останаа шест секунди за напад на Драчево. По тајм-аутот, гостите се обидоа да организираат победнички напад но немаше време.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Никола Иванов со 11 голови, како и Стефан Нацев и Мартин Бучуковски со по четири. Во составот на Драчево се истакнаа Ѓорѓи Дука со седум и Лазар Стојанов со шест погодоци.
Младост Богданци немаше големи проблеми и го совлада регионалниот ривал Партизан Гевгелија со убедливи 35-21. Гевгеличани успеаваа во првите петнаесетина минути до 7-7, но потоа се беше во знакот на домашните.
До паузата богданчани стигнаа до плус четири, 14-10, а во вториот дел комплетно го надиграа противникот. Димитар Пеев со седум гола и Ѓорѓе Ѓуриќ со шест погодоци го предводеа Младост, додека Васил Зајков со осум погодоци беше најдобар стрелец во Партизан Гевгелија.