Еурофарм Пелистер го победи Вардар и ја израдува ракометна Битола која цели 18 години чека шампионска титула
1.Дерби какво што треба да биде
Натпреварот на сезоната ја израдува ракометна Битола. Во големото дерби, Еурофарм Пелистер го победи Вардар и го направи најважниот чекор кон шампионската титула од која, формално, го делат само уште двата дуели со Охрид и со Тиквеш.
Цели 18 години Битола чека шампионска титула. И цела Битола заедно со Еурофарм Пелистер во саботата ја славеше победата по која титулата е, практично, во рацете на битолчани. Колку значи таа за клубот, за публиката и за градот со голема ракометна традиција, најдобро говорат сликите од Битола.
„Се радував и плачев. Го гледав натпреварот заедно со син ми. Тој не беше роден кога последен пат вака се радувавме на титула на Пелистер…“ – ова е само еден од бројните емотивни коментари на битолчани по големата победа во ракометното дерби кое за разлика од претходното во Скопје, овој пат во Битола беше дерби „со сите нишани“ и, со исклучок на по некоја ситна провокација, дерби какво што треба да биде дуелот меѓу двата најсилни и најтрофејни клубови во македонскиот ракомет. Неизвесен натпревар, полни трибини и за промена, убава спортска атмосфера без оние непотребни навивачки пресметки кои не ретко знаат да го стават во втор план спортскиот момент во дуелите меѓу двата најголеми ривали.
Празнините на бековската линија, осцилациите во играта и грешките во лош момент беа фатални за Вардар во најверојатно, клучниот натпревар во кој, се уште актуелниот шампион, го губи приматот и доминацијата што ја имаа „црвено-црните“ на македонската ракометна сцена, безмалку, цела деценија. На крај, сезоната која за Вардар почна со ригорозната европска суспензија и одземен настап во ЛШ, многу веројатно, може да заврши и со загубена шампионска титула што пак отвора и нова неизвесност пред најголемиот македонски спортски бренд.
Дијаметрално спротивно е расположението во Битола по саботната победа која најавува прогрес и нова страница во битолската ракометна историја. Поширокиот ростер, подобрата тактичка поставеност и поголемото трпение во клучните моменти беа решавачки за чиста победа и реванш на Еурофарм Пелистер за скопскиот пораз од Вардар.
Победата е голема сатифакција за играчите и за управата на битолскиот клуб во променливата сезона со подеми, но и помалку неочекувани падови. Победата и титулата на дофат сигурно се и најдоброто признание за Александар Јовиќ во тренерски тандем со Звонко Шундовски, но и потврда дека Еурофарм Пелистер направи вистински потег со „измената“ на стратешката позиција. Можеби „магијата е во екипата“, што ќе рече Звонко Шундовски, но магичното стапче сепак, е на клупата. Впрочем, Шундо веќе го има тој белег во кариерата тивко и ненаметливо да испишува историја.
Велат, кој чека – ќе дочека!
2.Од 5-ти до 5-ти
Љубомир Савевски не е повеќе селектор на женската ракометна репрезентација на Македнија. Официјално, со соопштение од РФМ дека „македонската куќа на ракометот и г. Љубомир Савевски, на 05 мај 2023 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на женските македонски ракометни категории“.
Вестта за „спогодбено прекинатата соработка“ доаѓа четири месеци пред истекот на договорот што, сега веќе ех-селекторот, често го споменуваше во отчетите по настапите, оние „договорот ми е до септември, ама ако треба ќе си одам…“. И, точно еден месец, и тоа буквално до ден, по седницата на УО на РФМ на која позитивно беше прифатен извештајот на селекторот за настапот на женската репрезентација на Македонија на ЕП 2022 на кое Македонија беше еден од трите домаќини и заврши со три порази.
Што значи, РФМ на 5 април го прифаќа извештајот и му дава поддршка на Савевски да остане на позицијата селектор и координатор на сите македонски женски репрезентации, а на 5 мај ја прекинуваат соработката со „взаемна спогодба“!
Во меѓувреме, од 5-ти до 5-ти , се случи неуспешниот бараж за СП 2023 со два порази од Украина и тоа би требало да биде некој директен повод за прекинот на соработката. Иако, елиминацијата од Украина повеќе е последица на претходната лоша проценка, отколку причина.
За Савевски уште еден селекторски ангажман од вкупните пет досегашни на чело на македонските сениорски репрезентации (три со машката, два со женската репрезентација), што почнуваа со големи очекувања, ако ви текнува на она – „каде беше човеков досега“…завршува предвреме во потполно друго расположение.
Впрочем, последниот селекторски ангажман на некогаш најценетиот македонски тренер, уште од старт го придружуваа невообичаени „околности“.
По децениска апстиненција од ракометот, Савевски во 2021 неочекувано се врати на сцената во улога на координатор на женските селекции и во исто време тренер на тогаш новоформираниот машки прволигаш РК Алкалоид. И помина во РФМ како подобра опција во неофицијалната „конкуренција“ меѓу него реактивиран и Марјан Колев активен и тренер во подем како предводник на тимот на Ница во француската женска лига. Нејсе.
Во целиот застој на македонскиот женски ракомет, освојувањето на кадетскиот ЕХФ шампионат во Литванија во 2021 одекна како голем напредок и успех од највисок ранг. Тоа за Савевски значеше потврдена доверба и заверена селекторска позиција. И тоа во новата сезона во нова невообичаена комбинација како селектор на сите женски репрезентации и спортски директор на машкиот РК Алкалоид откако се активира „резервацијата“ на тренерското место во клубот за Кире Лазаров во двојната улога како тренер на РК Алкалоид и селектор на машката репрезентација на Македонија.
Савевски во улога на селектор не се прослави многу во двата најважни настапи на кои Македонија беше домаќин и на кои практично, беа фрлени сите карти – СП (У18) и Европското сениорско првенство. Пцовките фатени од камерите и недоличниот однос кон младите репрезентативки фрлија сенка врз настапот на кадетското СП, поразите на сениорското ЕП само го дополнија негативниот впечаток. Телефонските разрешувања и назначувања во стручниот штаб и прокоцканата шанса со Украина дефинитивно ставија точка на приказната за големото враќање.
Освен „придружните“ недоразбирања со не баш многу репрезентативни изливи, кои, всушност, и не се некоја новина, петтиот селекторски ангажман на Љубомир Савевски во македонската репрезентација завршува и со резултатски негативен биланс од 17 порази во исто толку одиграни натпревари со женската сениорска репрезентација, од кои 11 на официјални и шест на пријателски натпревари.
Што на крај неизоставно ги наметнува прашањата: А, мораше ли така да се одигра? Ќе одговара ли некој за некоја погрешна проценка? Или и тоа ќе помине како и многу други „акции“ без ефикасна завршница?
3.Тивко згаснува брендот од Автокоманда
Македонскиот женски ракомет деновиве доживува уште еден удар на клупско ниво. Поранешниот шампион ЖРК Металург на раб на егзистенција можеби веќе ги брои последните денови.
Долгот во Автокоманда одново дојде за наплата. По неколку предупредувања, ракометарките и стручниот штаб на ЖРК Металург поради неисплатените плати решија да не се појават на дуелот со Чаир во финишот на плеј-офот во женската лига.
Некаде во исто време пред една година, потонат во стари и нови долгови и суспензии, згасна РК Металург. А, сега по се изгледа иста судбина го чека и ЖРК Металург кој и во беспарицата некако преживуваше, се бореше, победуваше, го освои Купот…Но, по се изгледа, и тука дојде крајот во тивкото згаснување на брендот од Автокоманда. И на уште еден македонски шампион.
Тука, за жал веќе не важи ни она од погоре. Чекаа, чекаа…и се откажаа.