Полскиот гигант Келце официјално објави крај на соработката со долгогодишниот тренер Талант Душебаев. По 12 години, шпанскиот стратег заминува од овој клуб.
Искусниот стратег си поднел оставка по последните натпревари, со образложение дека на тимот му е потребен „нов импулс“ за да може поуспешно да се натпреварува во најважниот дел од сезоната и битката за титулата во полскиот шампионат.
По детални разговори меѓу двете страни, било донесено заедничко решение за прекин на соработката, во дух на меѓусебно разбирање и одговорност за иднината на клубот.
Периодот на Душебаев во Келце ќе остане запаметен како една од најуспешните ери во историјата на клубот, исполнета со бројни трофеи, големи победи и значајни настапи на европската сцена. Неговиот придонес во развојот на тимот и позиционирањето меѓу европската елита е огромен.
До крајот на сезоната, функцијата прв тренер ќе ја извршува Кшиштоф Лијевски, досегашниот асистент, кој ќе го предводи тимот на претстојните натпревари.
Во клубот до крајот на сезоната остануваат неговите синови, Даниел и Алекс, кои на лето ќе се преселат во Бундес лигата, во Мелсунген и Гумерсбах.
Келце беше елиминиран од ПИК Сегед во осминафиналето на Лигата на шампионите, а во полскиот Куп загуби во полуфиналето од Висла Плоцк. Сега останува битката за шампионскиот пехар во првенството.

























