Апсурдна ситуација – може да испаднат од елитната лига, а да играат во Европа наредната сезона!

Несекојдневна ситуација се наѕира во германскиот ракомет, каде што финалистот на Купот, Бергишер, би можел да испадне од Бундес лигата, но истовремено да обезбеди настап во Лигата на Европа.

Овој тим е вистинско изненадување сезонава, откако стигна до финалето на Купот на Германија, но во домашното првенство се наоѓа во опасната зона, само четири бода над местата што водат во понизок ранг, на шест кола до крајот.

Сепак, постои сценарио во кое Бергишер ќе игра во Европа дури и ако испадне од елитата. Тоа ќе се случи доколку победникот на Купот, Фуксе Берлин, обезбеди место во Лигата на шампиони преку првенството.

За тоа, „лисиците“ треба или да ја освојат Лигата на шампиони или да завршат меѓу првите две екипи во Бундес лигата. Во моментов, Фуксе Берлин заостанува само еден бод зад второпласираниот Фленсбург.

Доколку ова сценарио се реализира, ќе добиеме редок парадокс – клуб што испаѓа од елитата, а игра на европска сцена следната сезона.