Завршивме со победа, но овој триумф беше неубедлив. Се потврди она што го зборував пред почетокот на турнирот. Се виде дека сите играат ракомет и дека нема голема разлика меѓу репрезентацииите. Сепак, добро е што успеавме да победиме бидејќи ќе беше лошо ако загубевме. На вакви средби не добиваш ништо, а губиш многу. Ако загубиш ќе биде вистински циркус, ќе има критики од сите страни. Ако победиш тоа е нормално и очекувано.
Очигледно е дека се забележа замор кај ракометарите особено кај оние што го понесоа товарот. Во текот на целото првенство играа главно 6-7 ракометари и не е воопшто лесно. Едноставно требаше да добијат шанса и други ракометари на овој дуел, а гледано во целост требаше да се направи една сосема поинаква селекција.
Не ни одговара да играме со ваков систем. Седум натпревари во десет дена се многу. Сметам дека на крајот сме на реално место каде што треба да бидеме бидејќи ова не е најдобрата репрезентација на Македонија, а некои ракометари неправедно беа запоставени. Еден дел од играчите се и во послаби лиги. Требаше поинаква селекција, а кога веќе некои играчи беа земени за настап на Мундијалот тогаш мораше да играат повеќе.
Грешката според мене беше направена уште на старт. Кога веќе поведовме со 8-9 гола разлика против Јапонија требаше да влезам помладите и да почувствуваат како е. Ние вака ги пуштивме во оган против Шпанија каде одиграа цело полувреме и само ги изгоревме.
Ова е далеку од подмладување. Можеби на хартија бевме подмладени, но на терен играа Кире, Гоце, Филип, Столе, Жарко… Се виде добро дека тие што имаат минутажа во своите клубови се и најдобри на теренот. Голманите, Лазаров, Манасков… Тие се тие што отскокнуваа од другите.
Нас на ова првенство ни недостигаше многу и Миркуловски. Недостигаш организатор како него. Сега би се потсетил и на моментите кога оваа репрезентација бележеше успеси и ги имаше најдобрите резултати. Секогаш велам и сега исто. Тогаш во тимот го имавме Владимир Темелков, играч кој игра одлично одбрана и одлично во напад. Тој игра во двата правци, а сега немаме таков играч на позицијата десно крило. Ракометот со многу измени се виде дека изумира.
Со барањето 7 на 6 во напад се виде дека загубивме многу бидејќи едноставно ги загубивме нашите бекови. Немавме играчи кои би можеле да дојдат до шут на таква игра и затоа мораше секогаш посекоја цена да се оди на проигрување на пивот или на крило.
Сега кога е сè завршено треба да се преиспита сè и да се направи добра и детална анализа за настапот на Мундијалот. Треба да се види што и како е направено. Мора да се почне со давање на шанса на помладите бидејќи така се почнува. Сите почнавме од некаде и стигнавме таму каде што стигнавме. Кога веќе беа таму тие мораа и да играат повеќе.
Мораме да бидеме реални. Јапонија и Бахреин ги победивме и тоа беше очекувано, но потоа моравме да ги штедиме најдобрите за дуелот против Исланд. Не можевме да бидеме сигурни и така дека ќе ги победиме, но барем ќе бевме свежи и ќе се обидевме. Вака против Шпанија влеговме едно силно полувреме, па за две минути го загубивме мечот. Исто и со Хрватска се потрошивме премногу. Тешко е секој втор ден да се играат вака силни натпревари на кои постојано се трча 60 минути, те удираат, те трошат…
Мораме да размислиме добро, да направиме стратегија. Ракометот е спорт број 1 во Македонија и сите мораат да го дадат својот допринос. Мораме да видиме што ќе правиме кога Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов ќе се повлечат од националниот тим. Мораме да имаме стратегија за после нивната ера.