Ѓорче Петров не виде мака против Спартак, се пласира меѓу четирите најдобри

Ракометарките на Ѓорче Петров се пласираа на завршниот турнир во Купот на Македонија по убедливиот триумф над Спартак со 36:18 (13:10) во натпревар од четвртфиналето во првата група.

Спартак на поискусниот тим му правеше проблеми во првиот дел, во кој парираше и и се надигруваше, но во второто полувреме веќе капитулираше и немаше никакви сили да го ублажи поразот.

Иако Ѓорче Петров тргна според планот и водеше на почетокот, сепак, по неговото водство од 6:4, избраничките на Мицевски и Јошева со три гола во низа го презедоа водството и поведоа со 7:6.

Следуваше период, во кој тимот на Ѓорче Петров никако не можеше да се одлепи на поголема предност. Спартак во уште два наврати дојде до израмнување на резултатот (9:9, 10:10).

Избраничките на Симовски влегоа во ритам и со погодоците на Ризоска и Дукоска за првпат поведоа со ,,плус три” 13:10. Ѓорче Петров со максималната предност од три гола разлика замина на пауза.

Второто полувреме за Ѓорче Петров беше само рутинско одработување на задачата. Актуелниот шампион на Македонија со неколку мини серии од минута во минута ја зголемуваше предноста за конечни 18 гола разлика.

Листата на стрелци кај Ѓорче Петров беше предводена од Емилијана Ризоска и Анастасија Николовска, кои постигнаа по шест, односно пет погодоци.

Кај Спартак пет реализации имаше Јана Ѓошевска, додека трипати во листата на стрелци се запишаа Зорица Андовска и Јана Алексовска.

Куп на Македонија, жени, осминафинале:

Група 1
Скопје – Спартак 25-27
Ѓорче Петров – Чаир 35-30
финале, Спартак – Ѓорче Петров 18:36

Група 2
Вардар – Шампион 32-18
Деспина – Кузман Вардар 35:16
19/3, 18:00, финале, Вардар – Деспина

Група 3
Стружанка – Астибо 27-19
Овче Поле СУ – Металург 25-31
финале, Стружанка – Металург 15-25

Група 4
Пелистер – Гевгелија 26:17
финале, Пелистер – Куманово 27:32