Кина е новата страница во тренерската кариера на Ненад Краљевски. Искусниот српски стручњак потпиша договор со Шангај, во траење од една и пол година, објави „Моцарт Спорт“.
Кинескиот клуб има големи планови и во наредниот период сака да се искачи меѓу четирите најдобри екипи во земјата, додека долгорочната цел е до 2029 година да ја освои шампионската титула.
Краљевски најголемиот успех во тренерската кариера го оствари уште на нејзиниот почеток, кога во 2008 година со Црвена Звезда ја освои шампионската титула на Србија.
Во текот на кариерата Краљевски работеше во бројни клубови во Србија и странство. Со женскиот тим на Куманово стана шампион на Македонија, освои трофеј во Купот, а потоа ги водеше српските Динамо Панчево и Гоч Врњачка Бања.
Краљевски нема да биде единствениот српски тренер во кинескиот ракомет. Селектор на машката репрезентација на Кина е уште еден искусен српски стручњак – Драган Ѓукиќ, кој своевремено беше на клупата на Вардар и селектор на Македонија.
























