СЕНЗАЦИЈА: Немаа ниедна победа сезонава, а сега го исфрлија Скопје од Купот!

Ракометарките на Спартак, кои во досега одиграните 14 меча од Женската лига немаат ниедна победа, направија голема сензација во осминафиналето од Купот на Македонија. Избраничките на Велимир Мицевски и Даниела Јошева го совладаа составот на Скопје со 27-25 во интересен натпревар со два црвени картони и дури 16 исклучувања.

Во првите дваесетина минути се играше израмнет натпревар до 8-8. Потоа Спартак поведе со 11-8, но и Скопје возврати со идентична серија за одново да биде нерешено, 11-11.

Скопје во продолжение остана без голманот Ели Бочваровска која доби директен црвен картон поради фаул надвор од нејзиниот простор, па Спартак на пауза замина со плус два 14-12.

На стартот на вториот дел се играше гол за гол до 15-15, но тогаш Павлова од Скопје заработи две исклучувања набрзина и црвен картон потоа, па Спартак предводен од Ѓошевска се одлепи на плус три, 18-15.

Девојките на Вале Радуловиќ и Андријана Будимир не се откажуваа, бркаа негатива и во неколку наврати се доближија до минус еден, 22-23, а потоа и 23-24. Сепак немаа сили за комплетен камбек и во финишот Спартак ја одржа предноста за пласман во финалето на групата каде ќе игра со победникот од дуелот меѓу Ѓорче Петров и Чаир за место на Ф4.

Најдобри стрелци кај победникот беа Ѓошевска со 11 и Андовска со седум гола, додека кај Скопје се истакна Радевска со седум погодоци.

Куп на Македонија, жени, осминафинале:

Група 1
Скопје – Спартак 25-27
18/3, 19:30, Ѓорче Петров – Чаир
19/3, 17:00, финале, Спартак – Ѓоррче Петров/Чаир

Група 2
Вардар – Шампион 32-18
Деспина – Кузман Вардар 35:16
19/3, финале, Вардар – Деспина

Група 3
Стружанка – Астибо 27-19
18/3, 19:00, Овче Поле СУ – Металург
19/3, финале, Стружанка – Овче Поле СУ/Металург

Група 4
Пелистер – Гевгелија 26:17
19/3, 17:00, финале, Пелистер – Куманово