Металург ја продолжува одбраната на трофејот, ќе брка Ф4 во Струга

Ракометарките на Металург, кој го бранат трофејот од Купот, се пласираа во четвртфиналето откако славеа кај Овче Поле Славјански Универзитет со 31-25.

Гостинките отворија со водство од 4-1, но избраничките на Илија Бетувски се вратија во егал, 4-4. По водството на Металург со 9-8, тимот од Автокоманда ја направи клучната предност што го реши победникот.

Во 16 минута почнаа проблемите на домашните во нападот. Беа без реализација цели десет минути, а за тоа време Металург ги казнуваше сите грешки и си обезбеди комотна предност на паузата, 17-9.

Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата, а девојките на Јулијана Дамчевска се обидоа да заштедат дел од силите за утрешната пресметка во Струга за место на Ф4.

Најдобри стрелци кај победникот беа Младеновска со десет, како и Ивановска и Трајковиќ со по пет погодоци, додека кај Овче Поле СУ се истакна Анастасија Сентовска со шест гола.

Куп на Македонија, жени, осминафинале:

Група 1
Скопје – Спартак 25-27
18/3, 19:30, Ѓорче Петров – Чаир
19/3, 17:00, финале, Спартак – Ѓорче Петров/Чаир

Група 2
Вардар – Шампион 32-18
Деспина – Кузман Вардар 35:16
19/3, 18:00, финале, Вардар – Деспина

Група 3
Стружанка – Астибо 27-19
Овче Поле СУ – Металург 25-31
19/3, 16:00, финале, Стружанка – Металург

Група 4
Пелистер – Гевгелија 26:17
19/3, 16:00, финале, Пелистер – Куманово