СЕДМЕРЕЦ: Машки финти – женски ракомет, а голот каде е?!

Колку што македонските кадети со настапот на СП (У19) влеваат надеж, толку кадетките на ЕП (У17) убиваат во поим

1.Во Риека како што треба да биде

Два настапи на македонските кадетски репрезентации деновиве и две комплетно различни слики од Риека до Подгорица. Едната како треба, другата како не треба да биде.

Машката кадетска репрезентација на Македонија настапува на Светското првенство за играчи до 19 години во Хрватска. Оваа генерација лани сама се избори за овој настап и сега оди чекор напред. Онака како што треба да биде

Кадетите одиграа три натпревари во првата фаза и со две победи обезбедија пласман меѓу најдобрите 16 што продолжуваат во втората рунда. Малку недостасуваше, младите ракометари кои лани го освоија ЕХФ шампионатот во Рига, да направат изненадување и годинава во Риека, уште на стартот со Норвешка.

А, дека не била само случајност, почетничка среќа или некој добар ден, туку добра подготвеност и квалитет, македонските кадети потврдија веќе во наредните два дуели. Убедливата победа против Црна Гора широко им ја отвори вратата, а рутинскиот триумф со Грузија значеше заверка на пласманот во втората фаза од шампионатот. Позитивен резултат и остварена примарната цел, со добра игра и позитивна енергија каква што немало одамна во некоја македонска ракометна репрезентација во било која категорија, од кадети до сениори.

Што ја издвојува оваа генерација и оваа млада македонска репрезентација од другите?

Квалитетот и континуитетот пред се. И во играчкиот и во стручниот дел. Добра селекција, добра подготовка и максимална искористеност на целиот потенцијал.

Раде Стојановиќ практично, ја израсна оваа генерација и добро ги познава играчите, а си ја знае и работата и во тандем со Бранислав Ангеловски, сето тоа добро функционира. По некое „чудо“ или со добра проценка за промена, Раде остана на клупата на оваа репрезентација како селектор, односно формално како тренер бидејќи во нашиот ракометен поредок во последните три смени, имаме „врховен селектор“ и тренери на националните селекции. Нејсе, како и да го потпишуваме, тренер-селекторот е тој  што стои зад и е директно одговорен за селекцијата, играта, резулатите, успехот или неуспехот на репрезентацијата што ја предводи.

Систематска работа во континуитет е токму тоа што во машката кадетска репрезентација се покажа како најдобар рецепт.

И никој збор да не кажал дека Македонија нема играчи, нема избор или дека нема иднина и квалитет.

Има. Само треба некој да ги препознае, да ги селектира без мој – твој и да ги „избруси“ талентите.

2.Во Подгорица како што не треба

И колку што македонските кадети со настапот на СП (У19) во Хрватска влеваат надеж, толку кадетките на ЕП (У17) во Црна Гора, со настапот и со пристапот, убиваат во поим.

Кадетките запишаа три порази по ред. Но, колку и да се поразите катастрофали, многу попоразителна е играта, лошата селекција, чудните ротации повеќето експериментални како да се контролни, а не натпревари на ЕП, па нека е тоа и кадетско. Бркотницата во одбрана во која не се знае ни кој што прави ни кој кого чува, создава хаос. А, по судните маки да се постигне гол, ти треба добра мантра за да останеш вклучен на линкот и за второ полувреме.

Некој ќе рече, па таков ни е женскиот ракомет, потонат без перспектива. Таков ни е каков што го направивме со отвори-затвори клубови, ваучер лигата за сите да бидат задоволни наместо квалитетни, сите разно-разни неуспешни проекти, телефонски смени со не баш многу логични претумбации и залутани селектори/тренери од машки клубови во женските репрезентации.

Можеби селекторот на кадетките е добар и вреден тренер и знае ракомет, ама со ракометарки работел само некогаш на почетокот во школа или академија, но женски клуб не тренирал никогаш во кариерата и на подготовки со кадетската репрезентација дојде од привремена работа со ракометари во Саудиска Арабија.

И, на многумина сигурно сѐ уште не им е јасно зошто тие што одлучуваат пак форсираат тренер на машки клуб да биде селектор на женска репрезентација, ниту пак зошто тој прифатил да води женска кадетска репрезентација кога клупската тренерска кариера ја тера во друга насока?!

А, претходно веќе видовме дека македонската женска репрезентација нема многу фајде од таква комбинација додека Љубомир Савевски и Аце Станковски како негов помошник ги предводеа женските репрезентации и во исто време беа тренери на машки прволигаши.

На девојките не само што не им дојдоа добро „машките финеси“, туку уште повеќе ги уназадија и во така незавидната ситуација. Па, сега македонските кадетки, од сите машки финеси, против женските противници, нивни врснички, не можат да постигнат ни пет гола за едно полувреме. Додека, нели, уште се запознаваат и на ЕП собираат искуство. Аман веќе!

3.Младината во рестрикција

А, кога сме веќе кај младите категории, без разлика машки или женски, збунувачка беше и онаа поделба на средствата по итна постапка на он-лајн седница. И како од ракав истресените пари доделени за промоција на жените во спортот, колку да помине на редот!

Зошто итно и нетранспарентно кога се знае точно и колку пари дава државата на секоја национална федерација за оваа намена. И точно се знае кој што остварил во која категорија и колку добива по распределбата.

Или не се знае баш сѐ?

Како што не се знае кој репрезентативец каде ќе најде место да преспие кога се „штеди“ баш таму каде што не треба – на најмладите во националните репрезентаци на кои треба да се потпира иднината. Се разбира, ако во меѓувреме и на децата не им дојде ракометот преку глава, со сите финти, експерименти и проекти.

Оти, нетранспарентноста секогаш раѓа сомнеж. Сомнежот шпекулации. Шпекулациите недоверба… А, може да биде сѐ толку просто и едноставно.