СЕДМЕРЕЦ: Да не е веќе резервиран пехарот?!

Во кој акт на НАЦИОНАЛНА спортска федерација пишува дека се прекршуваат прописи за да се исполнат желби?

1.Кој одлучува да не се почитуваат правилата?

Ракометната федерација на Македонија одлучи да го промени форматот на завршницата од Купот на Македонија, спротивно на сопствените важечките пропозиции или, ако сакате попрецизно, Пропозициите за Куп натпревари донесени/потпишани од Комисијата за спроведување на натпревари во РФМ!

На 25 април 2024 со ждрепка во РФМ се одредени полуфиналните двојки и термините за одигрување на завршните натпревари во Купот на Македонија, во машка и во женска конкуренција. Спротивно на член 3 и член 5 од Пропозициите во кои се прецизира дека „финалниот турнир се игра во 2 дена“, во РФМ одлучуваат завршницата да се игра во 3 дена, а полуфиналињата да се играат во ист термин (19.30 ч.), ама во различни денови. Според ждрепката, во машка конкуренција Тиквеш – Еурофарм Пелистер (17 мај),  Алкалоид – Вардар (18 мај), финале на 19 мај.

Во женска конкуренција Вардар – Чаир (17 мај), Куманово – Ѓорче Петров (18 мај) и финале на 19 мај.

Клубовите не реагираа што се ставени во нерамноправна положба спротивно на правилата. Барем јавно никој не се огласи.

На 26 април 2024 „промена плана“, што би рекој Вујо. Полуфиналињата од 18 се префрлаат на 16 мај. Да одморат два дена, па после да играат финале! А овие од другите полуфиналиња што добија привилегија со ждрепката, сега остануваат покуси.

2.Што сакаме правиме, ни се може

„Бидете информирани дека по барање на ракометните клубови учесници во завршниците од КУП натпреварувањето, во женска и машка конкуренција направена е измена во распоредот за одигрување“ – штуро информираа од РФМ.

Се за доброто на македонскиот ракомет. Или читај меѓу редови „што сакаме правиме, ни се може!“.

По малку збунувачки и по многу непрофесионално за национална спортска федерација со предзнак најуспешна во Македонија,  без одговор на основните прашања – Кој одлучил и кој барал? Кога одлучил? Како и врз основа на што одлучил завршниот турнир да се игра 4 дена, спротивно на Правилникот, еднаш веќе прекршен?

Зошто некој одлучил ждрепката едноставно, да се смени со одлука од некого за да се задоволи нечие барање, желба или амбиција, со протекција да дојде во поповолна позиција и евентуално, да стигне до Куп титулата, кога другата шампионската веќе е недостижна? Ако ви текнува, и системот на натпреварување во изминативе 4-5 години пет пати се менува и се штелуваше по желба на клуб(овите)!

Да не е и Куп пехарот веќе резервиран по нечија желба?

Малку како да се измешаа топчињата. Оние од ждрепката што важи само до пола.

Во кој акт на една национална спортска федерација пишува дека се прекршуваат прописи за да се исполнат желби? Се убив од барање, не можам да го најдам! Ги наоѓам само оние „важат нормативните акти на РФМ како и Законот за спорт и позитивните законски прописи“.

За волја на вистината, се кршат и нормативните акти на федерацијата и Законот за спорт веќе три години, па никому ништо. Не па ждрепки и пропозиции, лесна работа. Ич да не правиме муабет.

3.Рамноправност е кога си нерамноправен

Арно ама, се размрда јавноста, а се размрдаа и клубовите по она фамозно „бидете информирани…“ Кој со критика, кој контра со пофалба. За да има теза и антитеза.

Машкиот шампион крена глас. Женскиот исто ставен во подредена положба, изгледа веќе крена раце од терање правда со соопштенија.

Од Еурофарм Пелистер реагираа со критика за одлуката на РФМ, изненадени „од неочекуваната промена на термините на полуфиналните натпревари од Купот на Македонија“ . Значи, шампионот не бил во клубовите учесници во завршницата на Купот што барале промена, како што пишаа од РФМ. А, очигледно, Еурофарм Пелистер не бил ни консултиран за промената, инаку, зошто би бил изненаден! На тоа упатува и забелешката дека „на писмено доставените прашања до РФМ не добиваме никаков одговор“.

„Глувата комуникација“ меѓу шампионот и националната федерација веќе асоцира на проблем и тешко дека може да биде „нормална работа“.

„Со ваквата одлука се нарушува регуларноста на натпреварувањето и се прави непријатен исклучок каков што не е регистриран никаде во светот кога е овој тип на натпревари во прашање. Со оваа одлука јавно прашуваме дали се навестува нерегуларна завршница или некоја екипа мора да го освои Купот на Македонија?“ – реагираа од Еурофарм Пелистер посочувајќи го прекршувањето на Правилникот.

Превид во реакцијата на шампионот е што Правилникот всушност е прекршен уште на „регуларното извлекување“ кога полуфиналињата се ставени во различни денови, а завршницата наместо во пропишаните 2 дена преиначена во 3 дена. А, потоа само допрекршен на 4 со претумбација на полуфиналистите.

Реагираа и од ЖРК Вардар со пофалба и комплименти за РФМ за „одличната идеја“ со која патем „одлично“ се крши Правилникот (ама тоа нема врска, нели) и придонесува „за рамноправност на тимовите кои ќе излезат на мегдан за пехарот“ на „одличен завршен турнир кој ќе донесе нови два шампиони“.

Рамноправни се дека играат полуфинале во различни денови и едниот финалист ќе има ден повеќе, а другиот ден помалку до мечот за пехарот, така?

Рамноправност е кога си нерамноправен! Погенијално, здравје!

Србите велат: „Вежи коња где ти газда каже“. Вели „одлично“ и не барај многу логика.