Костески за 24 Ракомет ТВ: Одигравме машки и изгинавме на терен до последна секунда (ВИДЕО)

Десното крило на тимот на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески е меѓу играчите кои имаат поголем број на настапи од оние кои се во составот во моментов на контролните средби против Србија. После денешната средба на која Македонија загуби со 26:29 тој имаше свој коментар за она што се случуваше на теренот и за она што може да се очекува утре. „Загубивме со три разлика, но мора да имаме предвид дека ова е доста млада селекција. Пресреќен сум што одигравме машки и изгинавме на терен до последна секунда, а пресуди искуството на репрезентативците на Србија кои играат и во посилни клубови. Знаеја каде да не казнат и го направија тоа. Главата горе и утре да одиграме подобро“, изјави Костески за 24 Ракомет ТВ. Утре натпреварот се игра со почеток во 16 часот исто така во Ниш, а комплетната изјава може да ја погледнете во видеото.