ИНТЕРВЈУ ЗВОНКО ШУНДОВСКИ: Жалам што моите успеси со репрезентацијата сѐ уште се недостижни!

Најуспешниот македонски ракометен тренер, Звонко Шундовски, во изминативе година дена прво како тим-менаџер, а сега како извршен директор го гледаме во редовите на шампионот Еурофарм Пелистер. Зад името на Шундовски стои најголемиот успех во историјата на машката репрезентација на големите натпреварувања – петтото место на ЕП 2012 во Србија, селекторот кој за првпат нè однесе на едни олимписки квалификации. Неговото име со голема почит се споменува во Романија, каде повеќе од деценија испишуваше историја со Констанца и ЧСМ Букурешт. Како селектор и координатор на сите машки национални селекции во Израел го крена нивото на ракометот во оваа земја, а потоа имаше една егзотична авантура во Ал Рајан – Катар, пред да се врати дома.

Шундовски 22 години успешно ја гради тренерската кариера, за денеска сè што знае и сè што може вложува во матичниот клуб Еурофарм Пелистер. Мисијата која си ја има зададено себе си е да се оддолжи на клубот, кој пак, му дал сè што има како ракометен работник. Го именував како легенда, но тој остана скромен: „Не се доживувам како легенда, излегоа многу легенди. Тоа е голем збор, висока категорија!“ Првпат по 12 години Шундовски се согласува за спортско интервју, а 24ракомет ја има честта да пренесе дел од богатата ракометна приказна која популарниот Шундо ја носи во себе, како и визијата и стратегијата која ја има за неговата најголема љубов – ракометот, за Еурофарм Пелистер и за Битола.

Името на Звонко Шундовски е испреплетено со историјата на Пелистер. Од самиот почеток тој е дел на сите подеми и падови, шампионски титули, европски успеси и години кога клубот се мачи, но истовремено им пркоси на сите проблеми.

„Пелистер е мој матичен клуб, а јас сум едно несташно и палаво дете, кое со самото влегување во ракометните води, во основно училиште, веднаш доживува трансформација. Во гимназија моето друштво почнува да излегува, а јас од прва година средно бев селектиран од легендарниот Анте Костелиќ (подоцна и скијачки тренер) и бев со првата екипа. Тој прв го воочи мојот талент. Еден период паралелно тренирав и кошарка, бев перспективен кошаркар, но најверојатно корените си го направија своето и се одлучив за ракометот. Мојот покоен татко беше еден од основачите на клубот Работник, беше заљубен во ракометот и веројатно и неговата сугестија и константното присуство на натпревари го направија своето“, се потсетува Звонко Шундовски.

Почнаа да се нижат спомените и се отвори ракометната приказна.

„Бев младинец кој имаше можност од искусни играчи да ги учи првите професионални потези и како треба да се едуцира еден млад спортист. Во тоа време врвни ракометни професионалци доаѓаа во Битола, а имавме и домашни играчи во Пелистер, кои и ден денеска многу значат во ракометот во Македонија. Пелистер беше шампион на Македонија, вицешампион на Југославија, во првите години по осамостојувањето бев и капитен на Пелистер и имавме две титули во низа. Потоа година ипол играв во Јафа Ресен и таму освоивме шампионска титула. Направив пауза поради повреди, па се реактивирав во Струга, а по една полусезона се вратив во Пелистер и тогаш станавме шампиони на Македонија. Во таа екипа играа сите денешни тренери во клубовите во Македонија кои нешто значат – Бранко Ангеловски, Кирил Лазаров, Раде Стојановиќ, Стевче Алушовски, Игор Котевски – со  нив сум бил и соиграч, сум им бил и тренер, како во клуб, така и во репрезентација. Со некои од нив сум врзан и со кумски релации… Да се разбереме, јас не бев врвен ракометар како Пепи Манасков, Драган Маринковиќ или покојниот Боро Чурлевски, тие беа многу поквалитетни, но секогаш бев присутен. Еден корисен клупски и репрезентативен играч кој секогаш беше на располагање, да помогне во било која ситуација и на било која позиција, таква ми беше играчката кариера. Сум ги играл сите три бековски позиции, иако основна ми беше среден бек, како и пикер скоро целата кариера, во зависност од потребите на тренерот. Играчката кариера ја завршив во Пелистер во 2002 година.“

НЕРАСКИНЛИВА Е ВРСКАТА МЕЃУ НАВИВАЧИТЕ И „ПЕЛИСТЕР“

„Уште како играч добив шанса да ја водам екипата. Паметам по еден кикс од холандска екипа во КПК, тогашниот претседател на клубот Спиро Мавровски ми ја понуди функцијата. Морав да размислам, се консултирав со соиграчите и кога добив безрезервна поддршка од поискусните играчи ја прифатив понудата. Тргнав добро, ги победивме Холанѓаните дома една недела подоцна. Не променив кој знае што за тоа кусо време, но духот кој го има Битола како ракометен град, битолските играчи, како посветеност кон клубот и кон публиката дојде до израз тогаш, а доаѓа и сега! Гледате во последниве години се чека еден таков момент, едни такви личности кои ќе го пренесат духот на градот, односно на навивачите кои живеат за ракометот и да покажат како останатите играчи треба да реагираат на теренот. Играчите и тренерите кои пораснале тука и даваат специфичен тон на екипата. Поинаква е врската кога играат домашните играчи.“

Го прекинав за момент со прашањето дали може да направи паралела на таа ракометна Битола тогаш и оваа денеска?

„Ако зборуваме за почетоците на ракометното живеење на Битола, можам да кажам дека љубовта кон клубот, љубовта кон ракометот, навивањето за време на натпреварите е многу сличен, како што било тогаш, така е и сега.“

Шундовски – Пелистер

ИСКУСТВОТО МЕ НАУЧИ: НЕМА ОПУШТАЊЕ

Последната двојна круна клубот ја имаше во сезоната 2004/2005 со Звонко Шундовски како тренер, а лани по пауза од 18 години одново се славеше титула во Битола и тоа со Шундо во стручниот штаб заедно со Александар Јовиќ како тренер. И сезонава Еурофарм Пелистер е пред шампионска промоција.

„Последната двојна круна Пелистер ја имаше 2004/2005. Жалам што потоа финансиите не беа на посакуваното ниво и таа екипа се распадна. Тогаш почнаа да се развиваат битолски деца, помлади играчи кои го добија потребното искуство, а потоа и квалитет за да прераснат во добри ракометари. И покрај проблемите четири – пет години во континуитет им пркосевме на Металург и Вардар, кои во тој период беа наши најдобри екипи. Пелистер многу долг период имаше проблеми, но успеваше да остане респектабилна екипа. Тоа потврдува дека ова е ракометен град. Без финансии, со 90-посто во тој период домашни играчи кои немаа редовни финансиски примања, а јас како тренер немав никаков проблем да одработам тренинг и да ги мотивирам играчите и тоа е периодот во кој двапати игравме и Куп-финале. Едното со Металург во Битола, вториот со Вардар во Кавадарци, практично добиени натревари ги загубивме. Како и што нема да навлегувам. Затоа сум резервиран, и сега кога велите дека сме пред шампионска промоција, јас велам почекајте. Додека нè заврши сезоната, додека нè одиграме се до крај. Искуството ме научи дека и кога си надмоќен никогаш не треба да се опушташ, а и кога си условно кажано во подредена ситуација секогаш има шанси да се направи чекор плус, да се освои, да се победи подобриот, затоа што ова е спорт. Треба верба во својата екипа, посветеност и работа.“

ЕДНА СЕЗОНА НА КЛУПАТА НА МЕТАЛУРГ

Една година од тренерската кариера битолскиот стратег минува на клупата на Металург.

„Во сезоната 2008/2009 бев тренер на Металург со кој игравме во Лигата на шампионите, бевме во група со Кил, Барселона и Драмен. Го освоивме третото место во групата и продолживме во тогашниот Победници во куп на куповите, каде бевме елиминирани во четвртфиналето. Истата сезона со Металург го освоивме Купот на Македонија.“

Шундовски Металург

СО КОНСТАНЦА НА Ф4 ВО ЕХФ КУПОТ, ИСТОРИСКИ ПЕХАР СО ЧСМ БУКУРЕШТ

По успехот со репрезентацијата на ЕП 2012, во Романија се создава македонска колонија предводена од Звонко Шундовски, кој ќе биде и пред промоција во селектор на романскиот машки национален тим, но ќе мора да ја одбие понудата.

„Успехот на ЕП во Србија беше отскочна даска. Нашата работа како тренери се заснова само на успех и тоа е параметарот по кој се мери. Знаете како се вели ’има мала лага, има голема лага и има статистика’. Во тој период бев тренер во Констанца и имав перфектни услови. Добив сериозна понуда од Шамбери, можеби направив грешка што не заминав во Франција, но сепак одлучив да останам во Романија. Пред тоа, таа сезона (2013/2014) со Констанца го елиминиравме Шамбери и играме на Ф4 во Берлин во ЕХФ купот. Паметам уште по втората година во Констанца ми понудија договор на пет-шест години, но тоа беше предолг период. Имавме добар континуитет, во екипата од претходно беше Бранко Ангеловски, а во меѓувреме дојде Никола Митревски, Велко Маркоски, во ЧСМ играше Гоце Георгиевски, Наумче Мојсовски, потоа Горан Кузмановски и Мајнов беа во Одорхеи, Даскаловски во Темишвар. Една плејада од 10-12 играчи кои носеа главен збор и кои навистина значеа нешто и во своите клубови и во романската лига. Ако не се лажам Романија е на четврто место по освојување на медали на големите натпреварувања на сите времиња и држава во која ракометот е на високо ниво. Зошто и како не успеваа да стигнат на големи натпреварувања долги години тоа не можам да коментирам. Имам свои размислувања, бев сериозен кандидат за селектор на Романија. Тоа е периодот кога со Констанца ги имавме најголемите клупски успеси. Бев во преговори со Федерацијата, но претседателот на клубот, кој ми беше работодавател, не се согласи со идејата да бидам и селектор и морав да ја одбијам позицијата, почитувајќи ја одличната соработка која ја имавме во клубот. Тие години со Констанца бевме доминантни и освојувавме сè што можеше да се освои на домашна сцена иако буџетски не бевме најсилни. Таквата традиција ја продолжив и во ЧСМ Букурешт, клубот со мене како тренер го има освоено единствениот пехар во клупската историја – Куп-титулата во 2016.“

Шундовски Романија

 

СО БРАНЧЕ СМЕ НА ИСТА „БРАНОВА ДОЛЖИНА“

Звонко Шундовски и Бранко Ангеловски долги години соработуваат заедно на сите релации соиграчи, играч – тренер, а потоа Ангеловски беше спортски директор во Констанца каде Шундовски беше тренер. Сега во Еурофарм Пелистер ситуацијата е обратна, Бранко е тренер, а Звонко – директор.

„Со Бранко долги години работиме заедно, дали како соиграчи (кус период), потоа како тренер – играч и во Пелистер, и во репрезентација, и во Романија. По завршување на играчката кариера тој беше спортски директор во Констанца, јас тренер, и целиот тој период имаме одлична соработка. Нормално имавме и имаме и различни мислења и несогласувања. Генерално сме на иста бранова должина и тоа е добро. Кога се случија промените, кога одлучи Бранко дека ќе ја води екипата му поставив отворени и конкретни прашања – дали знае на што се нафаќа познавајќи ја неговата амбиција, познавајќи го неговото размислување и живеење за ракометот. Ние имаме долга историја, тој во цел свој ракометен живот како играч бил професионалец, максимално посветен на она што го работи, јас сум сигурен дека тоа ќе го продолжи и како тренер. Тоа го потврди и со Мулти Есенс и бев убеден дека е посветен на ракометот и ракометната игра. Му поставив некои прашања и му дадов одредени насоки, потенцирајќи дека сум тука за сè што му треба и дека прифаќа еден тежок професионален предизвик. Во моето тренерско искуство од 22 години видов дека има тренери кои се едукатори и натпреварувачи. Едно е да си едукатор-учител, друго е да си натпреварувач. Во мојата кариера сум бил и двете во еден момент поради тоа што клубот ги немаше потребните финансии кога се развивав како тренер. Знаете во Битола секој пораз е неуспех без разлика од кој. За да работиш и да егзистираш во Битола мора да бидеш посветен максимално, мора да работиш максимално за секој следен противник и да одиш на победа, во спротивно… тоа е тренерскиот живот. Морам да потенцирам дека ова што го прифати Бранко Ангеловски да го прави е голем ризик, за еден сè уште неетаблиран тренер како тренерско име. Едно е тренер, друго играч – тие се дијаметрално спротивни. Имаме многу врвни играчи кои никогаш не станале добри тренери или обратно. Бранко поседува огромна посветеност, љубов и упорност во ракометот. Ако ми верувате јас не можам да си одам дома од него (се смее) Цело време сме или во канцеларија или во сала или во видео-соба, цело време сме инволвирани со екипата. Посветен е на успехот на екипата, а тоа дополнително ме мотивира и мене да работам 24/7, со идеите, кои на моменти се и премногу. Полека, треба да се канализираме, но тој е еден неуморен работник и тренер во подем, кој ако вака продолжи му престои блескава тренерска кариера. Од првиот момент во ко-релацијата директор – тренер, взаемно си помагавме, тој за директорските работи, каде јас сум инволвиран во стручноста на ракометната страна, создавање на екипа и визија за клубот. Тој како тренер кој води професионална екипа која тежнее кон највисоки резултати тука бев да му помогнам со сугестија, совет, тактика… Ракометот е тимски спорт и сите кои работиме во Еурофарм Пелистер сме, односно ќе бидеме заслужни за освојување на шампионска титула и ако даде  Бог и двојна круна. Сите заедно сме склоп на структура од луѓе кои се посветени и професионалци кои искрено се вложуваат за целта на клубот. Олеснителна околност е што сме сите битолчани и знаеме што ќе значи успехот на ракометниот клуб за градот и навивачите.

Се пошегував – „Уште не Ве избркале од дома!?“

„Навикнати се!“, ми одговори Шундовски, „Десет – единаесет години бев надвор од Македонија и со сопругата имаме изградено однос на безрезервна меѓусебна подршка. Таа гради своја успешна кариера која е настрана од спортскиот живот и затоа не беше во можност да ме следи во странство. Секако често доаѓаше, колку што дозволуваа нејзините работни обврски. Најважно е што и таа, а и цело мое семејство, ја делеше мојата среќа во успесите.“

ШАМПИОНСКА СТРАТЕГИЈА: НАЈДОБРОТО ОД МАКЕДОНИЈА ДА ИГРА ВО БИТОЛА

Неколкупати Шундовски во нашиот разговор потенцираше „битолски играчи, домашни македонски, македонски репрезентативци“ и тој отворено кажува дека тежнее кон домашните играчи. И не само тој, тоа е визијата и стратегијата на клубот во иднина.

„Да, тежнеам, тежнее и Бранко, и јас уште повеќе инсистирам. Затоа во клубот се Кузмановски, Пешевски, Манасков, го враќаме Никола Митревски… Ние правиме се во таа насока, имаме извонредни услови, но за тоа треба да има интерес и од  македонските играчи. Идејата  и визијата која ја делиме со претседателот Зоран Стерјев е најквалитетните македонски ракометари да се во нашиот клуб. Од претседателот имаме големо разбирање и безрезервна поддршка. Тој ни овозможува да бидеме стабилен и успешен македонски клуб, а во иднина и да правиме исчекор кон поголеми резултати во Европа. Ме радува фактот дека многу македонски играчи и интернационалци и од другите клубови ја препознаваат хемијата на ракометна Битола и гледаат дека тука е добро да се биде. Убеден сум дека во иднина ќе направиме уште повеќе квалитетот на македонските играчи да биде концентриран во нашиот клуб. Без странците не можеме, но се трудиме да ги има што помалку. Тие што ќе останат вистински да вредат и да прават очигледна разлика. Јас бев двапати најуспешен тренер во Романија и знам што значи да бидеш странец во една земја, сум го искусил тоа. Треба да бидеш двапати подобар од домашните и сите наши интернационалци кои играле или биле тренери го знаат тоа. Единствено кај нас странците имаат поголем комодитет и тоа треба полека да го промениме.“

ИЗРАЕЛ НЕ БЕШЕ НИВОТО НА КОЕ СУМ НАВИКНАТ

Кога зборуваме за ангажмани во странство, Шундовски беше и селектор и координатор на сите машки селекции и селектор на А националниот тим на Израел, но се задржа само година дена. Зошто?

„Не издржав! Вистина е дека имав беспрекорни услови за работа, бев координатор за сите селекции од пионери до сениори, но влијаеја многу фактори, пред сè немаше компетитивен дух. Не беше тоа на нивото на кое сум навикнат. Имаше добри играчи, но првенствено фокусирани на студиите, а во Израел пречка е и воениот рок поради кој има дисконтинуитет кај играчите – кога се во зенитот одат да служат војска и потоа не може да се вратат професионално да се занимаваат. Таму сите завршуваат високо образование и тоа се се инжењери, ИТ-сектор, доктори, магистри… Го сакаат спортот, но тоа е како споредно. Работев со играчи од генерацијата која потоа настапи на ЕП 2018 за младинци во Словенија, постигнаа забележителен резултат на првенството што е голем успех за нив, а сега повеќето од тие играчи се носители во сениорската израелска репрезентација.“

НА ПРВИОТ ПРЕС КАКО СЕЛЕКТОР НАЈАВИВ: ЌЕ СЕ ПЛАСИРАМЕ НА ЕП

Звонко Шундовски првата шанса да биде дел од стручниот штаб во националниот тим ја добива од Веселин Вујовиќ во 2008 година, а две години подоцна ќе седне на селекторската функција на А машкиот тим и ќе го предводи до најголемиот успех во историјата.

„Знаете како станав помошник тренер во репрезентација? Во тој период Пелистер ги победи и Вардар и Металург во Битола и тогаш Веселин Вујовиќ, кој беше селектор на сите репрезентации ме зеде во стручниот штаб. Кај младинците бев помошник на Вујо, а во А тимот, Илија Темелковски беше прв асистент, јас втор. Некои коментираа дека Металопластика имала врска со тоа, но Вујо многу подоцна низ разговор дозна дека јас сум бил играч таму. А и тоа беше откако тие таканаречени ’вонземјани’ заминаа низ Европа.“

 

Шундовски репрезентација

„По Вујо, Ико ја наследи репрезентацијата и заедно бевме на СП во Хрватска. Ние имавме одлична соработка и разбирање. Ико многу го почитувам и денеска се поздравуваме со ’колега’ иако тој е многу повозрасен од мене. Потоа беше именуван Љубомир Савевски, но Македонија беше елиминирана во квалификациите од Турција и тој си поднесе оставка. Паметам дека бев на тренинг и по завршувањето на тренингот имав многу пропуштени повици на мобилниот од Михајло Михајловски – тогашниот претседател на РФМ и Марјан и Драган Начевски. Побараа да дојдам во Скопје, и ми понудија да ја превземам репрезентацијата, на која му претстоеја квалификациите за ЕУРО 2012 во Србија. Знаете дека јас не бев прва опција? Местото му беше понудено на Лино Червар, кој тогаш беше тренер на Металург. Нема логика некој да го бара Шундо кога го има Лино дома, нели? Причината зошто Лино одбил, не ми е позната. Но, факт е дека во тој момент, за квалификации на ЕП 2012 имавме многу тешка група (Унгарија, Естонија и БиХ).  Не сакам да бидам погрешно сфатен, секоја чест за Червар и за неговите успеси и резултати како тренер, кој никој не може да ги оспори, само сакам да го доловам односот кон нашите тренери. Бев млад тренер, без некое големо искуство. Најголем успех ми беше двојната круна со Пелистер, каде тренирав врвни играчи – Пепи Манасков, Бранко Ангеловски , Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски, Александар Зарков, Стевче Алушовски, Петар Ангелов, Александар Јовиќ… Коментарите кои ги добивав беа во насока на честитки за успешното координирање на такви врвни играчи. На првата прес-конференција како  ВД селектор реков дека ќе се пласираме на ЕП иако претходно 14 години немавме играно на континентален собир. Бев сигурен во тоа познавајќи ги играчите, нивниот менталитет и квалитет, и силно верував во себе. Унгарија беше неприкосновена со врвни европски имиња во составот,  а  БиХ беше репрезентација која за првпат ги собра најдобрите босански интернационалци и беше сплотена и многу респектабилна. Мојата заслуга на која пред себеси потајно сум горд, е тоа што успеав нашите играчи  да ги ставам во систем, да ја канализирам нивната енергија. Работата на селекторот е многу комплексна работа, подразбира широк спектар на квалитет и знаење, психологија на секој играч, а потоа доаѓа тактичко техничката подготовка за секој натпревар поединечно.  На тоа првенство со покоен Доне (Андон Бошковски) бевме сами како тренерски тандем. Цел план и програма, цели подготовки, сè направивме само ние .  Ако ги погледнете резултатите на ЕУРО 2012, како наближуваше крајот на првенството така игравме се подобро, тоа е заради одлично одработените припреми и правилното темпирање на формата.“

На тоа првенство сите сметаат дека можевме до медал, дали жалите за пропуштената шанса?

„Сите сметаа дека можеме до медал откако заврши првенството, но ајде да прашам кои беа нашите очекувања пред почетокот на ЕП!?“.

Јас му одговорив „Да се мине групата.“

„Покажаното на репрезентацијата на тоа првенство не донесе близу таква позиција, која секако жалам што не ја остваривме. Мечот со Данска и голот во последна секунда беше пресудниот момент. Но тоа е спортот…  Еден од нашите новинари го праша Вилбек по натпреварот, дали тоа било тактична варијатна (да го остават Лазаров да шутне и да дадат гол од контра).  Вилбек го погледна новинарот бледо и му одговори – Ова Хичкок да го режираше, немаше да се случи. Ова се случува еднаш во милион ситуации.“

НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ Е НАПРАВЕН ЗА ИЛЈАДА ЕВРА

Со петтото место во Србија, Македонија игра и на олимписки квалификации, а од таму ќе тргне и континуираниот настап на големи натпреварувања за машкиот национален тим кој трае и до ден денеска. Шундовски ќе ја води Македонија и на СП 2013 во Шпанија, по кое ќе си поднесе неотповиклива оставка.

„Наша македонска болка е што генерално не знаеме да си ги цениме ниту играчите, ниту стручњаците и многу сум свесен за тоа. Знаете за колкава плата е направен најголемиот успех на репрезентативно ниво? – за илјада евра месечно, од кои четири плати не ми се доисплатени. И покрај тоа, среќен сум што за г-динот Михајло Михајловски, сум тренерот кој го направил најсреќен и му го донесол најголемиот успех, за време на неговиот долгогодишен мандат како претседател на РФМ. Селекторите кои дојдоа после мене беа платени повеќекратно, како што налагаат европските стандарди. Не е се во парите! Треба да има нешто и во човекот, да остане голем и во лошите работи. По ЕП во Србија ја водев Македонија ѐи на СП 2013 во Шпанија каде игравме осминафинале со Германија. Јавноста малку знае за математиките кои беа во игра на тоа првенство. Во последното коло во групата игравме против Данска, и ако ја победевме, (а со оглед на околностите, имавме големи шанси за тоа) во четвртфинале ќе се соочевме со Франција, која беше неприкосновена во тоа време. Ние избравме да играме со Германија која беше репрезентација во создавање и шансите за пласман во четвртфинале беа многу пореални. Доколку не беше така, ние ќе го направевме најголемиот мундијалски успех дотогаш, т.е. деветото место. На крајот според освоените бодови во групната фаза бевме рангирани на 14. место и тоа беше прогласено за неуспех. Во јавноста беше креирана атмосфера дека треба да се освои медал. Јас дадов неотповиклива оставка и направив простор да дојде тренер кој ќе го освои тој медал. Сѐ уште жалам за тоа што, во сите години кои следеа, не се повтори ниту приближно тоа што беше постигнато во мојот мандат, а медал не беше ниту споменат. Во меѓувреме дојде до промена на раководството во Ракометната Федерација, се обезбедија многу подобри услови за работа. Во репрезентацијата остана истиот ростер на играчи кои ги имав јас на располагање, а додатно беа натурализирани и врвни странски ракометни имиња, кои добија македонски пасоши. Сѐ уште жалам за тоа што, во сите години кои следеа, не се повтори ниту приближно тоа што беше постигнато во мојот мандат, а медал не беше ниту споменат.“

„ТРЕБА ДА СЕ ШУТНИ, ДА СЕ КЛАИ ГОЛ“

Од времето кога Шундовски беше селектор остана изреката „клајте голои“, за која тој објасни дека е извадена од контекст.

„’Треба да се шутни, да се клаи гол’ – тоа кажано на тајм-аут на олимписките квалификации во Шведска, кога игравме со Унгарија, која имаше поддршка од тогашниот прв човек на Судиска организација на ЕХФ И ИХФ, Унгарец. Ние работиме сè, стигнуваме до позиција, а не можеме да дадеме гол. Затоа го кажав тоа на тајм-аут, автентично, битолски, но потоа некои колеги – новинари знаеја да ми го извадат од контекст, повеќе во шала. Секако на тие новинари, а и на дел од јавноста поинтерсно им звучеше кога се зборува на странски јазик, иако тренерските фрази се исти, дали се кажани на битолски, хрватски, англиски…“

ОСТАВКА – ПРЕЗЕМАЊЕ ОДГОВОРНОСТ

Низ кариерата Шундовски во неколку наврати покажал дека е голем, со џентлменски потег – оставка. Тоа го направи и со репрезентацијата, а последно беше лани во декември, кога поднесе оставка по лошите резултати во Лигата на шампионите.

„Оставката во клубот не беше само поради лошите резултати во ЛШ. Ние кажавме дека создаваме екипа за домашно првенство и за добро претставување во Европа и низ тие натпревари да добиваме на квалитет кај македонските играчи. Јас сум човек што бара  и превзема одговорност дури и кога не е директно виновен. Тоа се случи по мечот со Вардар, кој ако го анализирате, тука нема тренерска грешка. Водевме девет разлика имавме напади и за +10, +11. Но имаше психолошки пад на екипата и неколку  непромислени технички грешки. Тоа го протолкував како пропуст, кој не смееше да ни се случи, иако не бев јас тој што носи конечни одлуки во теренот. Соработката со Александар Јовиќ, која беше извонредна , се покажа како успешна на кратки патеки.  Таа соработка донесе  шампионска титула 2023/2024. Но, за жал,  на долги патеки се покажа како неодржлива. Цела моја кариера бев прв тренер, сум носел одлуки и сум стоел зад нив. Тешки беа моментите кога сум имал поинакво мислење за одредена ситуација, а не сум можел да ја спроведам. Тоа никако не значи дека мојата опција би вродила со плод, затоа што ова е спорт и најдобрата акција или замисла, може да испадне погрешна. Посакував уште една титула – конкретно Купот. Посакував и верував дека можевме да победиме со Кил и ПСЖ и да направиме нешто големо. Ние со Ацо (Јовиќ) имавме многу добра, искрена и отворена соработка. Ова е немилосрдна и неблагодарна работа. Денеска си шампион со двојна круна, а утре со еден (неважен) пораз, се паѓа во вода. Треба да превземеш одговорност, чекори и потези и да знаеш зошто си и дали си виновен и на крај на денот да се носиш со тоа.“

ТИМСКИ ИГРАЧ

Шундовски во својата кариера минал низ многу и тој може да се каже дека ги „пораснал“ тренерите кои денеска значат нешто на македонската ракометна карта. Тој е скромен и резервиран за многу работи кога станува збор за неговата работа и потенцира „другите треба тоа да кажат“, а она што тој сака да го истакне е дека треба повеќе да се грижиме за нашите тренери.

„Тие (тренерите) треба да кажат колку и дали имам или сум имал влијание на нив. Се радувам на фактот дека во македонската лига имаме наши македонски тренери и тоа дава поттик и потстрек дека нашиот ракомет дава стручни лица кои ќе не носат на повисоки скалила и кон подобри резултати. Грижата на македонските тренери треба да е поголема за македонските играчи, странците тежнеат кон моментален резултат. Домашниот тренер повеќе се грижи и внесува поголема емоција, а тоа значи дека е посветен. Така покрај резултот и успехот ќе остави и трага во иднина. Таа трага се младите играчи, генерацијата која сега ја имаме.“

ЛАЗАРОВ ИМА ПОДДРШКА КАКО НИКОЈ ДОСЕГА

Како најуспешен предводник на репрезентацијата го прашав Шундовски каков е неговиот поглед за работата на Лазаров и она што се труди да го направи со репрезентацијата?

„Успехот во оваа работа се мери само со резултати. Прашањето е кои се очекувањата од нашата репрезентација? Претходно Ве прашав што очекувавме пред ЕП за потоа сите да бараме медал и оставка од селекторот? И тогаш и сега е континуитет! Сега имаме една селекција, не можам да кажам млада, поголем дел од играчите имаат континуитет од три-четири големи натпреварувања. Изборот на играчите – тоа си е работа на селекторот. Тој смета дека тие се вистинските за да се оствари тој континуитет. Ние очекуваме многу повеќе, но нашите очекувања се нереални генерално како нација, ние сме најбрзи, најдобри и имаме два милиони селектори. На Кире како играч никој не може да му го оспори она што го има постигнато – еден од најдобрите ракометари генерално земено и најдобар десен бек во светот. Како негов тренер знам што значи да имаш играч како него во екипа, и секоа чест за тоа. Сега еве го во други води. Дали и какви грешки прави во релативно кратката тренерска кариера, дали требаше да земе соработници или имаше соработници, но ги испушти, детали не знам и не навлегувам во тоа. Резултатите ќе дадат одговор за работата. Праг на толеранција за Лазаров не постои, никој од домашните тренери немал таква поддршка и од РФМ и од новинарите од самиот почеток и така треба да биде. Многу важен за Македонија според мене е двомечот со Фарски Острови. Тоа е солидна, незгодна репрезентација и тој треба да го најде модусот како со нашите играчи да се справи со тој стил на ракомет. Сметам дека тоа е возможно гледајќи и познавајќи го квалитетот и моменталната форма на нашите играчи, тргнувам од четири – пет репрезентативци кои ги имаме во клубот. Интернационалците исто така се во завидна форма, Лазаревски и Томовски играат на високо ниво во Вардар. Тоа е тој момент кога селекторот треба да оцени, процени што му е потребно и што е најквалитетно за да се направи овој чекор – елиминација на Фарски Острови и пласман на СП.“

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – КЛУБ-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА!?

Последен во низа македонски репрезентативци кој ќе му се приклучи на шампионот од следната сезона и голманот Никола Митревски, кој се враќа во матичниот клуб. Почнува ли Еурофарм Пелистер да формира клуб-репрезентација?

„Стратегија и визија на Еурофарм Пелистер, на некој начин е клуб – репрезентација. Таква ситуација имавме со Металург во моментот кога јас бев селектор и тоа донесе успех на национално ниво. Тоа би било голема помош за репрезентацијата, која е нашиот бренд во светот. Ракометот во Македонија како спорт  број еден и единствен спорт со континуитет на натпреварувања на големи европски и светски натпреварувања е особено важен за нашата држава. Ако ние направиме паралела и сега многу играчи од Алкалоид се во репрезентацијата, но дали се тие вистинските тоа треба да се запрашаме, земајќи го предвид она што го видовме на изминативе три-четири првенства. Некои се, некои беа, па сега не се, некои не дадоа голем придонес и тука треба да се избере вистинскиот момент и вистинските играчи. Пак е тоа работа на селекторот. Видете, суетата е многу лоша работа. Еден тренер ако е суетен, тој е опасен за самиот себе. Суетата се трга на страна, играчките денови се тргаат на страна кога ќе станеш тренер. Големи тренерски имиња ми кажаа кога станав тренер ’сега ставаш црта и тоа што било и што си правел како играч заборави го, ова е сосем поинаку.’ Мора поинаку да се поставиш и да се однесуваш и да поставиш баланс, се спрема квалитетот на твоите играчи. Лесно е да сакаме да играме како Норвешка или сите сакаме да играме како Данска, но ние треба да видиме што имаме на располагање и од тоа да извлечеме максимум и така ќе бидеме уште подобри. Кога квалитетот на нашиот субјект ќе го донесеме на ниво на перфекција. Не можеме нашите играчи да ги споредуваме со Хансен, Карабатиќ итн. Тие тоа не се. Тоа се тие работи кои го прават тренерот успешен или неуспешен.“

АКО НЕ ИГРАМЕ ЛШ, ДА ИГРАМЕ Ф4 ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА

Еурофарм Пелистер е пред шампионска промоција, а клубот не крие дека атакува на двојна круна. Истовремено 99-посто од екипата е ’скоцкана’ за следната сезона. Македонскиот ракомет во новата сезона може да се случи да остане без претставник во Лигата на шампионите, затоа што сега немаме загарантирано место туку треба да бараме вајлд-карта. Што ако не ја добиеме?

„Првенствено ќе се стремиме да ја добиеме, тоа е нашата желба. Се претставивме како добри домаќини, за два месеци успеавме да ја средиме спортската сала, бевме и добри учесници иако резултатите не беа на високо ниво, и мислам дека имаме шанса да ја добиеме. Доколку не ја добиеме јас целам на највисоки цели. Тоа за мене ќе биде Ф4 во Европската лига. Во тој случај со мала доза на среќа во ждрепката, затоа што следната сезона ќе биде и таму силна конкуренцијата, па да успееме да стигнеме до Ф4. Еднаш како тренер сум играл на таква завршница и тогаш елиминиравме две големи екипи, верувам дека истото можеме и со Еурофарм Пелистер, кој има и потенцијал и квалитет да се носи со такви екипи.“

ВРЕМЕ Е РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ДА СЕ ВРАТИ ВО БИТОЛА

Со настапите во Лигата на шампионите на Еурофарм Пелистер, Битола комплетно се врати на европската мапа како ракометен центар. Дали е време и репрезентацијата да се врати во Битола?

„Тоа е мојата најголема желба! Во годините кога Пелистер даваше најголем број на репрезентативци, кога Битола како град ја имаше најголемата сала во Македонија, репрезентацијата играше во Кале, малку нелогично. Би сакал РФМ да има слух и одредени натпревари на репрезентацијата да се играат во Битола, градот го заслужува тоа. Овие навивачи заслужуваат дома да ја бодрат селекцијата и верувам дека тоа ќе се случи наскоро, ќе се увиди дека е добро да се игра и тука.“

Шундовски приватно

ВЉУБЕНИК ВО РИБОЛОВОТ (ЗА КОЈ НЕМА ВРЕМЕ)

„Освен ракомет јас сум голем вљубеник во риболовот, но сега немам време. Имам многу опрема, која седи неискористена. Моите колеги од риболовниот свет веќе одат по рибарски кампови, ги следам на друштвените мрежи и многу ми е жал, што не можам да им се придружам. Се надевам дека сè ќе биде како што треба до крајот на првенството, па во јуни ќе најдам некој слободен викенд за да му се препуштам на тоа задоволство“, вели битолскиот стратег и додава: „Сопругата е навикната да не сум дома, навечер сум дома (се смее). Ова е начин на живот во кој најголема жртва за да успеам во сето ова е сопругата. Десет години бев надвор од Македонија, сам, но функциониравме на далечина, затоа што нејзините работни обврски не дозволуваа постојано да сме заедно. Тоа е цената на ваквиот живот и на успехот.“

СО ЦЕЛО СРЦЕ И ДУША ЗА КЛУБОТ

Кога ќе погледнете наназад по се што сте поминале досега во кариерата, на што би сакале прво да ги асоцира луѓето Вашето име?

„Хммм, не сум размислувал, сите тие успеси и со репрезентација и на клупско ниво остануваат како статистика, која за жал е сè уште недостигната. Би сакал луѓето да ги асоцирам на успех, би сакал да ги асоцирам на храброст и многу, многу работа. Ќе си земам за слобода да ги поттикнам и да ги мотивирам да работат, да веруваат во себе, да не очекуваат инстант резултати. Можам да потврдам дека само оние кои не се откажуваат, кои континуирано работат, ќе ги дочекаат своите пет минути, кога вложениот труд ќе вроди со плод. Сатисфакцијата е секогаш пропорционална со вложениот труд. Се радувам на резултатите кои се прават и ќе се прават во матичниот клуб. Јас сум од Битола, дете на Пелистер и тоа е клубот кој ме промовираше и како играч и како тренер. Безрезервно сум ангажиран, а други релевантни фактори ќе ја оценат мојата работа. Со цело срце и душа гледам да му се оддолжам на клубот, за сè што постигнав во кариерата и да го вложам цело мое знаење и искуство, во надеж за постигнување на нови успеси со клубот. “