Хорват: Хрватскиот машки ракомет има иднина

Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват не беше задоволен од резултатот на неговите избраници после поразот од Унгарија со 26:22 во рамките од ЕХФ Евро Купот, но смета дека ракометарите на неговата селекција одиграа квалитетно во натпреварот против силната Унгарија.

Хрватска на натпреварите против Словачка и Унгарија настапи со млад состав и без некои звучни имиња. За некои млади надежи на хрватскиот ракомет токму овие натпревари беа тест за нивните квалитети.

„Одигравме многу тежок натпревар против Унгарија, натпревар во кој преовладуваше одбраната, посебно во првото полувреме. Но, во второто полувреме не можевме да ја повториме дефанзивната игра која ја прикажавме во првиот дел. Иако, не сум задоволен од резултатот, задоволен сум од квалитетот на играта, на натпреварите против Словачка и Унгарија настапивме со млад тим и се соочивме со еден силен ривал. Како резултат на овој натпревар од денес, се чини дека хрватскиот машки ракомет има иднина”, изјави Хорват.

На Хрватите им остана да го одиграат заостанатиот натпревар против Шпанија во рамките од ЕХФ Евро Купот, но без разлика на неговиот исход, Хрватска ќе заврши на второто место.