СЕДМЕРЕЦ: Ако треба ќе си одам…Не бе, седи уживај!

Имаме селектор без лиценца, извештаи со поминат рок, порази што не мотивираат, ракомет на плажа без зрно песок...тамам сме

1.Женската репрезентација на „породилни маки“

Ако Европското првенство и со подарениот настап како домаќин, сепак беше преголем залак за женската ракометна репрезентација на Македонија во децениска стагнација, баражот со Украина беше шанса конечно да се придвижат работите напред со обезбеден пласман на СП. Но, по првиот натпревар во Скопје, играта и поразот на крај, сега и тоа изгледа тешко достижно. Иако, теоретски, се уште е возможно, со евентуален подвиг во утрешниот реванш.

Поразот од Украина среде Скопје не беше баш очекуван за женската репрезентација на Македонија. Уште помалку инфериорноста во поголем дел од натпреварот, посебно во првото полувреме, грешките и конфузијата во играта без решение. Македонија не е светска велесила, но ни репрезентацијата на Украина не е противник од кој ќе ти се пресечат нозете. Впрочем, украинската репрезентација одамна не е меѓу селекциите од горниот ешалон, а повеќе од една година опстојува и во вонредни воени услови.

Македонскиот селекторот дури во изјавата по натпреварот и споменува дека се надевале на победа со 4-5 гола разлика. Ама ете, не бидна.

„Не сакам да се правдам, јас ја сносам одговорноста…Мене договорот ми е до септември, ако не успеам да направам селекција, чекор напред, ќе ја преземам одговорноста…“ –  повтори уште еднаш селекторот на македонската женска репрезентација, веќе по кој знае кој пат годинава.

Така беше и по промашените очекувања летоска со кадетската репрезентација. Нешто слично слушавме и по трите порази на европското во ноември. Еве и сега на сред баражот со Украина за СП.

Ако треба, ќе си одам…Не бе, седи уживај!

2.Да видиме утре што ќе биде

Да беа малку појасно и потранспарентно поставени очекувањата и целите, можеби ќе беше појасно и што значи точно тој чекор напред што го чекаме да го исчекори македонската женска репрезентација.

Вака останува да се „шуткаме“ и да нагаѓаме, подизгубени малку меѓу пцовките и клетвите, фактите и алиби оправдувањата за селекцијата, за лигата која е впрочем, таква каква што сами ја поставивме, за минутажата на репрезентативките од кои половина се интернационалки, ама – не со полна минутажа, други играат – ама слаба е лигата, трети не играат – ама сепак се селектираат…Па, понатаму за искуството и за неискуството, за проектите што на хартија лесно поминуваат ама на терен тешко се реализираат, за телефонските смени и алтернативните решенија за кои вообичаено нема одговор – што, како и зошто.

А, токму тоа се случуваше во женската репрезентација непосредно пред априлскиот бараж.

Со сиот респект за Едуарда Аморим Талеска за нејзината играчка кариера и за приврзаноста кон Македонија, ама ни од селекторот ни од РФМ јавно не слушнавме што е нејзината улога и која е целта на нејзиниот ангажман во стручниот штаб непосредно пред баражот за СП. Ниту пак што прави Александар Петровски на клупата освен што ја „рента“ тренерската мастер лиценца што селекторот треба да ја има, ама ја нема?!

Дали за настапот на Македонија на домашното ЕП, таков каков што беше, проблемот бил само во дел од стручниот штаб и тој е решен со не баш многу транспарентната смена на помошниците?

Ама па, ако проблемот бил тој и е решен, зошто тогаш пак мака мачиме и сега со Украина во баражот? И тоа ме буни сега…

Може ли македонската репрезентација конечно да се консолидира, да се мобилизира и да се стави во функција се она што го имаме како потенцијал и играчки и тренерски или ќе го прогласиме македонскиот женски ракомет за изгубен случај?

Ако треба ќе си одам…Не бе, седи уживај! Да видиме утре што ќе биде…

3.Кое фајде од бајати извештаи?!

Ако се оди по редот на нештата многу од прашањата – што направивме, каде погрешивме, што ќе направиме, би требало да се разјаснат во селекторските извештаи по настапите. Арно ама, кај нас и тие се „со поминат рок“, па и од нив нема некое фајде. Додека дојдоа на дневен ред, веќе и се заборави кој со кого играл и што направил и не направил. Намерно или случајно, кој знае…

Така, за настапот на ЕП 2022 што се играше во ноември, извештајот на селекторот на женската репрезентација помина УО на РФМ на 5 април 2023, на седница која беше „затворена“ за дел од медиумите, а одлуките пет дена потоа се уште ги нема ни на официјалниот сајт на РФМ!

Кога е се чисто, нема што да се крие, нели?

На истата седница позитивно помина(л) и извештајот на селекторот на машката репрезентација на Македонија за не баш позитивниот настап на јануарското СП 2023 во Полска. А, во меѓувреме, за машката репрезентација веќе продолжи и новиот циклус квалификации за ЕП 2024 со нови проблеми, делумно и како последица на оние што останаа нерешени во јануари.

Убава и позитивна работа е кога селекторите и националните репрезентации имаат цврста поддршка од националната федерација, ама со порака „поразите не мотивираат“ тешко дека може далеку да стигнеме.

Премногу „мотивација“ ни дојде некако во последнава година. Еве на пример, само сениорски „најмотивирачки“, за една година од европски и светски првенства имаме 0-3 на ЕП 2022 од машката репрезентација во јануари, па 0-3 на ЕП 2022 од женската во ноември, па 0-3 на СП 2023 пак од машката во главната фаза овој јануари… Мотивација колку сакаш!

А, извештаите? Па тие секако, наместо да бидат отчет и насока, се сведоа само на формална работа за УО на РФМ.

И згора на тоа и бајата, со поминат рок. Во Член 35 од Правилникот за државните ракометни репрезентации на Македонија со кој се регулирани селекторските активности, нели убаво си пишува дека  селекторот „поднесува писмен извештај за подготовките и натпреварите, во рок од 30 дена по завршувањето на последниот ден од репрезентативните активности“.

Не знам кога биле „писмено“ поднесени последните селекторски извештаи и дали РФМ формално си го прекршила својот Правилник, но „управно“ тие се ставени на дневен ред дури на 5 април. Ако броиме, тоа е нешто повеќе од четири месеци или поточно 154 дена од последниот настап на женската репрезентација ЕП на 9 ноември 2022, односно нешто повеќе од два месеци или поточно 70 дена од последниот настап на машката репрезентација на СП 2023. Оти така?! И, што сега?

Ако треба ќе си одам…Не бе, седи уживај! Тамам сме.

Имаме сега и репрезентација за ракомет на плажа со амин од УО на истата седница. Нов проект, надежен и поволен за згрижување. Додуша без клуб и без зрно песок, ама со желба и со љубов стокмен.

Некои веќе знаат што е ракомет на песок, другите ќе ги научат правилата. Тамам сме, тамам.