Апелација ги потврди казните за убиството на Тот – обвинетите во затвор 52 години!

Апелација ги потврди казните на тројцата осудени за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој во Македонија ги носеше дресовите на Бутел Скопје и Охрид.

Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски ќе треба да издржи 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска исто така ќе треба да издржи 18 години затвор, додека и на  третообвинетиот Андреј Костовски му е потврдена донесената одлука за казната затвор од 16 години.

Промена има само во износот на нематеријалната штета, односно финансиските средства што обвинетите треба да му ги исплатат на семејството на убиениот Тот.

„Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А. Ѓ. е одбиена како неоснована, а жалбите на обвинетите А. К. и К. Л. се делумно уважени на начин што пресудата на Основниот кривичен суд се преиначува и во однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т. Т., да ѝ исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И. Т., татко на починатиот, а на Б. Т., брат на покојниот, досудена е исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Во согласност со пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда“, велат од скопска Апелација.

Пресудата за Денис Тот од Кривичниот суд беше изречена во ноември 2022 година. Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла, што е еден од условите за да се исполни битието на делото. Судскиот процес траеше два и пол месеца.

Случајот во јавност прв го објави 24 Ракомет, по што следуваа низа конфузни соопштенија од институциите кои беа вклучени во овој случај, пред сè од угледни институции како клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Министерството за внатрешни работи.

Откако ја демантираа веста за тепањето на хрватскиот ракометар, по притисок на јавноста и хрватските медиуми и институции, случајот имаше завршница на кривичен суд, а ниту еден од одговорните лица во институциите кои преку соопштенија даваа лажна слика до денес не понел соодветна одговорност, ниту јавно извинување.

Во периодот на хаотични изјави и различни дезинформации од институции за кои не  е дозволиво тоа, редакцијата на 24Ракомет беше под постојан притисок од јавноста, ракометните работници и членови на семејството на ракометарот, но остана на својата позиција во одбрана на вистината и гласот на народот.