Јанев: Домашниот терен и навивачите ќе ни бидат мотив плус за борба на СП

Женската младинска репрезентација на Македонија ги избра ривалите за претстојното Светско првенство што ќе се одржи во јуни. Тоа ќе бидат селекциите на САД, Ангола и Исланд.

Селекторот Дарко Јанев не сака уште отсега да зборува за амбициите на Мундијалот, но посакува да ги има сите ракометарки на располагање.

„Задоволен сум од групата и противниците, посебно Исланд за нас е добро познат противник. После завршување на Женската лига веднаш започнуваме со подготовките за Мундијалот, а ќе имаме и настап на пријателски турнир пред СП. За амбициите не сакам да зборувам пред време, најважно е повредите да ги одминат ракометарките, да сме здрави сите и да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар. Домашниот терен и нашата верна публика, навивачите, ќе ни бидат главна мотивација, сигурен сум дека ќе се бориме со срце за Македонија“, изјави Јанев.

Натпреварите од СП ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, како и во двете сали во СЦ „Јане Сандански“ од 19 до 30 јуни.

Македонија ги одбра ривалите за СП 2024