Случајот со ракометарот Тот добива разрешница, обвинетите ќе одговараат за убиство!

Истражната постапка за убиството на ракометарот на Бутел, Денис Тот е веќе завршена. Овој настан 24Ракомет прв го изнесе во јавноста, по низа проверки и информации од различни извори.

Следуваа бизарни изјави од официјални институции во Македонија, а по неколку дена вистината за настаот излезе на виделина преку видео надзорот од просторот каде што се случи убиството.

24Ракомет застана зад своите информации и покрај притисикот од јавност, колегите новинари и семејството на починатиот. Нашите информации неколку дена потоа се потврдија како точни.

Против тројцата веќе притворени, Анџело Ѓорѓиевски, кој е прв осомничен, Климентина Лефковска како второосомничена и третоосомничениот Андреј Костовски, е поднесено обвинение до Кривичниот суд на Македонија.

,,Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, соопштија од Обвинителството.

До Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетите.

,,Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи се уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата”, велат од Обвинителството.

Денис Тот беше убиен пред една скопска дискотека, ноќта помеѓу 6 и 7 април. Хрватскиот десен бек во изминатата сезона беше дел од Бутел Скопје, претходно две сезони играше во Охрид, а настапуваше и за хрватските Ѓаково и Пореч, австрискиот Брик и шпанскиот Адемар Леон.