Натпреварот меѓу екипите на Козала и Ровињ во рамки од Втората лига во Хрватска го одбележа голем скандал.
Довчерашниот тренер на Ровињ, Дарио Јагиќ, кој имаше богата играчка кариера, ги загуби „кочниците“ во финишот од натпреварот.
На речиси пет минути пред крајот, екс репрезентативецот на Хрватска имаше физичка пресметка со својот играч Санди Ѓукановиќ поради направена грешка.
Јагиќ најпрво го фати Ѓукановиќ за дрес и потоа го оттурна, а играчите од гостинската екипа спречија поголем скандал.
По натпреварот, искусниот тренер си поднесе оставка и истакна дека и понатаму ќе остане да работи во клубот, но како спортски директор.
„Мене ми е жал што објавеното видео не е подолго за да се види дека јас и Санди потоа разговаравме нормално, а на крајот од натпреварот пред да влеземе во соблекувална се прегрнавме. Свесен сум дека нема оправдување за моите постапки и јас ја преземам вината за тоа што се случи. Едноставно тоа беше во моментот кога се крешеше резултатот и Санди, кој е еден од најдобрите наши играчи, направи грешка и потоа вербално испровоцира моја ненамерна реакција”, изјави Јагиќ.