Тимот на Бутел Скопје ќе настапи петти пат на европска сцена, а третпат по ред во ЕХФ Европскиот Куп. Клубот ова лето отвори нова страница и ангажираше голем број кадетски репрезентативци на Македонија, а на клупата седи легендарниот Стојанче Стоилов. Во втората рунда од ЕХФ Европскиот Куп ќе се соочи со хрватскиот тим Горица од Велика Горица.
Бутел Скопје можеше да помине подобро и да ги добие на пример летонскиот тим Добеле или босанскиот Борац Бања Лука, но можеше и многу полошо ако се „паднеше“ на пример норвешкиот Рунар Сандефјорд или полската Островија.
Клубот Горица е формиран 1955 година, а за првпат игра во елитниот ранг во Хрватска во сезоната 2004/05. Со подеми и падови клубот игра во Првата лига, но и во најсилната, и во сезоната 2016/17 го остварува историскиот успех со освојувањето на четвртото место, а истиот успех беше повторен 2021/22 и минатата сезона.
Со тоа беше обезбедено учество во ЕХФ Купот, а во новата сезона Горица ќе го запише четвртиот настап на меѓународна сцена. Во сезоната 2017/18 во ЕХФ Купот, Горица беше елиминирана од естонската Полва Сервити, додека во сезоната 2020/21 во Лигата на Европа, хрватскиот состав беше запрен од Потаиса Турда во првото коло. Во ЕХФ Купот во сезоната 2022/23, за првпат во историјата мина едно коло и го елиминира чешкиот Нове Весели, но во следната фаза загуби од словачкиот состав Повашка Бистрица.
Горица ги игра домашните натпревари во средношколска сала во Велика Горица кој има капацитет од 400 гледачи, а се наоѓа само на 5 километри од аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб.
За овој клуб во минатото играше македонскиот репрезентативец Ненад Костески. Десното крило како играч на Загреб, ја мина пролетната полусезона 2019/2020 во составот на Горица.
Најпознато име во актуелниот состав на Горица е левото крило Давор Чавар, кој долго време го носеше дресот на Загреб и има настапи во Лигата на шампионите, а во најголем дел му беше резерва на Тимур Дибиров. Најискусен е десното крило Хрвоје Чековиќ, кој има 36 години, додека најмлад е 17-годишниот среден бек Лукас Пит. Во составот на Горица има само еден интернационалец – босанскиот среден бек Марко Караула. Меѓу 21 ракометар, што се пријавени во ЕХФ е и голманот Тони Матошевиќ, син на легендарниот хрватски чувар на мрежата Валтер Матошевиќ, кој беше дел од Загреб и имаше настапи во Лигата на шампионите. Меѓу оние на кои треба да се обрне посебно внимание се пивотот Вид Старчевиќ и средниот бек Јаков Дујиќ.
Во тековната сезона Горица одигра два меча во хрватскиот шампионат и запиша две победи. На првиот меч славеше дома против Сисак со 31-28, а во второто коло направи изненадување и го победи вицепрвакот Сесвете со 32-31 на гостински терен. Блескаше голманот Марин Сориќ со 17 одбрани, а средниот бек Марко Караула даде осум гола. На првата средба, левото крило Давор Чавар имаше десет погодоци.
Севкупно гледано, Бутел Скопје има шанси да се надигрува со хрватскиот состав и шансите гледано отсега се 50-50. Првиот меч ќе се игра на гостински терен во Велика Горица, додека реваншот ќе биде во Скопје.

























