ИХФ ја врати Белорусија, ЕХФ сè уште не – првиот човек на тамошниот ракомет со остри критики

Претседателот на Белоруската ракометна федерација, Владимир Конопљов повторно побара враќање на белоруските репрезентации и клубови во европските натпреварувања. ИХФ во јули ги укина ограничувањата, но ЕХФ сè уште нема јавно објавено одлука за целосна реинтеграција.

Владимир Конопљов продолжува со притисокот за целосно враќање на Белорусија во европскиот ракомет. Првиот човек на белоруската федерација овојпат јавно ја критикуваше ЕХФ, посочувајќи дека процесот на враќање не се одвива со истото темпо со кое во 2022 година беа воведени суспензиите.

Ситуацијата стана уште поинтересна во јули, кога ИХФ донесе одлука за целосна реинтеграција на руските и белоруските репрезентации, клубови, официјални лица и судии во своите натпреварувања. Одлуката стапи во сила на 15 јули, по промените во препораките на Меѓународниот олимписки комитет.

ЕХФ, сепак, сè уште нема јавно објавено одлука за целосно враќање во европските натпреварувања. Последната официјална одлука достапна на нејзината страница е суспензијата од февруари 2022 година, која важеше „до понатамошно известување“. Во април годинава ЕХФ потврди дека разговара за постепено враќање на младинските селекции од Русија и Белорусија.

Конопљов не го крие незадоволството.

„Кога требаше да нè суспендираат, сè беше направено брзо. Кога треба да нè вратат, секој прави што сака“, изјави тој.

Конопљов најави дека Белоруската федерација подготвува писма до сите национални федерации во Европа, со цел директно да разговара за обновување на соработката.

Тој тврди дека Белорусија во минатото имала коректни односи со голем број федерации и сака тие контакти повторно да бидат активирани. Посебно ја спомена Полска, наведувајќи дека во минатото Белорусија предлагала заедничка организација на Европско првенство со Полска и Литванија.

Според Конопљов, ЕХФ размислува да разговара со поединечните национални федерации за тоа дали се подготвени повторно да играат против Белорусија. Тој таквиот пристап го оцени негативно и смета дека одлуката треба да биде единствена за цела Европа.

Разликата меѓу позициите на ИХФ и ЕХФ во моментов е суштината на спорот.

ИХФ во март прво дозволи ограничено враќање на младинските селекции на Русија и Белорусија за пријателски натпревари и турнири. Потоа, на 15 јули, Советот на ИХФ ги укина ограничувањата целосно и најави преоден период за практичното враќање во натпреварувањата.

Белоруската женска пионерска репрезентација веќе се подготвува за Светското првенство што во октомври ќе се игра во Мароко, а токму младинските категории беа првите кај кои започна процесот на враќање. Светското првенство за пионерки е закажано од 16 до 24 октомври.

Белорусија побара вајлд-карта за машкото сениорско СП 2027, но не ја доби.