Третото коло од женската Лига на шампионите донесе осум интересни натпревари, големи пресврти и продолжување на победничките серии на неколку фаворити. Најголемото изненадување се случи во Дортмунд, каде Борусија на Ива Младеновска успеа да се врати од минус девет и да го совлада ЧСМ Букурешт со 35:32.
Во групата А, Дортмунд имаше кошмарно прво полувреме и на пауза замина со негатива од седум гола, 13:20. Романскиот состав во вториот дел стигна и до плус девет, 22:13, но домаќинките не се предадоа. Со серија од 11:2 стигнаа до 24:24, а потоа и до првото водство на натпреварот. Во драматичната завршница Дортмунд го задржа ритамот и стигна до првата победа во сезоната, но и прва победа во историјата против ЧСМ.
Мареике Томајер беше најдобра кај Дортмунд со седум гола, Младеновска немаше погодоци, додека кај ЧСМ по шест погодоци постигнаа Ема Фрис, Валерија Маслова и Крина Пинтеа.
До третата победа стигна и ФТЦ, кој на гостувањето кај Сола славеше со 28:25. Унгарскиот состав имаше контрола во поголем дел од мечот, а голманката Ана Кристенсен собра 11 одбрани. ФТЦ така остана со максимални шест бода.
Есбјерг исто така продолжи со совршениот старт. Данскиот тим го совлада Крим со 37:31, а главна фигура беше Хени Рајстад со дури 13 гола од 15 обиди. Токму Рајстад во 43. минута го постигна и јубилејниот 4.000 гол на Есбјерг во Лигата на шампионите.
Во групата А, без пораз останува и Брест. Францускиот состав славеше на гостувањето кај Будуќност со 27:22, во првиот натпревар на црногорскиот тим под водство на новата предводничка Маја Савиќ. Брест имаше контрола во поголемиот дел од мечот и стигна до трет триумф во низа.
Во групата Б, бранителот на титулата Мец продолжи со максимален ефект. Французинките славеа на гостувањето кај Подравка со убедливи 35:24, иако по првото полувреме водеа само со 12:11. Во вториот дел Мец ја подигна одбраната и со серија четири гола се одлепи, а потоа рутински ја приведе средбата до крај.
Совршен ефект има и Ѓер, кој славеше со 30:20 на гостувањето кај Сторхамар. По израмнетиот почеток, унгарскиот шампион направи разлика во финишот на првиот дел и на пауза замина со 20:13. Во второто полувреме Ѓор ја контролираше предноста и стигна до третата победа. Хелена Елвер беше најдобар стрелец со девет гола.
Првата победа во сезоната ја запиша Никобинг, кој пред своите навивачи го совлада Бломберг со 31:26. Клара Лерби беше незапирлива со девет гола од десет обиди. Данскиот тим по три кола има четири бода, со победа, реми и пораз.
Во дербито на колото, Глорија Бистрица го совлада Одeнсе со 29:27. Гостинките во вториот дел стигнаа до предност од 22:20, но Глорија одговори со серија 4:0 и во драматичната завршница го задржа водството. Голманката Евелина Ериксон со 14 одбрани и 35% успешност беше прогласена за играч на натпреварот, додека Јохана Рајхерт постигна седум гола.
По три одиграни кола следува кратка пауза поради репрезентативната недела, а Лигата на шампионите продолжува на почетокот на октомври. Во групната фаза има 14 кола, при што најдобрите две екипи од секоја група директно одат во четвртфиналето, додека тимовите од третото до шестото место ќе играат плеј-оф.
Лига на шампиони, 3 коло, резултати:
група А
Сола – ФТЦ 25:28
Борусија Дортмунд – ЧСМ Букурешт 35:32
Крим – Есбјерг 31:37
Будуќност – Брест 22:27
група Б
Подравка – Мец 24:35
Сторхамар – Ѓор 20:30
Никобинг – Бломберг 31:26
Глорија Бистрица – Одeнсе 29:27
























