Ана Грос од терен во канцеларија – Словенците ѝ доверија висока функција!

Легендарната словенечка ракометарка Ана Грос по завршувањето на играчката кариера направи нов чекор во ракометот, овојпат во раководните структури. Грос е избрана за потпретседателка на Ракометниот сојуз на Словенија (РЗС), каде во следниот четиригодишен мандат ќе биде задолжена за женскиот ракомет и меѓународните односи.

За Грос ова е уште една значајна функција во ракометот по неодамнешното вклучување во Одборот на европските ракометари на ЕХФ, каде беше избрана заедно со словенечкиот репрезентативец Блаж Јанц.

Грос најави дека еден од главните приоритети во нејзиниот мандат ќе биде подигнување на квалитетот на клупскиот женски ракомет во Словенија.

„Сакам да најдеме решенија и идеи со кои клупската сцена ќе ја подигнеме на повисоко ниво, за да нема толку голема разлика меѓу најдобриот клуб и останатите“, порача Грос.

Посебен акцент ќе биде ставен и на младите ракометарки. Новата потпретседателка смета дека е неопходно перспективните играчи да добијат подобри услови за развој и полесен пат кон сениорската репрезентација.

Еден од нејзините приоритети ќе биде и зголемувањето на бројот на девојчиња кои се занимаваат со ракомет, со цел да се создаде поширока база на играчи за иднината.

Покрај развојот на женскиот ракомет, Грос ќе работи и на зајакнување на позицијата на Ракометниот сојуз на Словенија во европските и светските ракометни структури. Таа најави поголема вклученост на РЗС во меѓународни настани и размена на искуства со најразвиените ракометни средини.

Со новата функција, Грос продолжува да останува активно присутна во ракометот и по официјалното завршување на својата играчка кариера, а нејзиното искуство од врвниот европски ракомет сега ќе го пренесува во раководните структури на словенечкиот спорт.