Еден од најдобрите ракометни голмани во светот, Емил Нилсен, слободното време го искористи за фудбал. Данскиот репрезентативец и нов член на Веспрем беше на трибините на Рујевица на големото хрватско дерби меѓу Ријека и Хајдук.
Камерите на хрватската телевизија забележаа интересно лице меѓу гледачите на Јадранското дерби Ријека – Хајдук. На трибините беше Емил Нилсен, данскиот голман кој од оваа сезона го брани голот на Веспрем.
Нилсен викендот го минуваше на Кварнер, во Опатија, а престојот во Хрватска го искористи и за да почувствува дел од атмосферата на едно од најголемите тамошни фудбалски ривалства.
Данецот претходно вечерал во познат ресторан во Кастав, а таму дошол по препорака на неговиот соиграч од Веспрем, хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ. Нилсен не крие дека покрај ракометот е голем љубител и на фудбалот.
„Секако дека ракометот е мојот омилен спорт, но навистина сум голем љубител и на фудбалот. Навивам за мојот АГФ од Архус и многу сум среќен поради нивниот успех. Со големо задоволство ќе уживам на Рујевица во Јадранското дерби“, изјави Нилсен за „Нови лист“, а неговата изјава ја пренесоа хрватските медиуми.
Нилсен само неколку дена претходно со Веспрем гостуваше кај Фуксе Берлин во второто коло од Лигата на шампионите. Данскиот голман летово ја напушти Барселона и се пресели во унгарскиот гигант. Во петокот Веспрем играше со Ференцварош, па ракометарите имаа слободен викенд кој Нилсен го искористи за посета на Хрватска.
Тој е едно од најголемите засилувања на Веспрем и еден од најценетите голмани во светскиот ракомет. Во минатата сезона во Лигата на шампионите за Барселона имаше 189 одбрани и 34% успешност, според официјалната статистика на ЕХФ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























