Некогашна ѕвезда на Подравка, Будуќност и Мец во Охрид: Лидија Хорват дел од Женскиот ракометен форум

Ракометната федерација на Македонија, со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, за првпат ќе организира Женски ракометен форум, кој ќе се одржи на 26 септември 2026 година во Охрид, во рамки на Меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија 2026“.

Под мотото „One game. One voice. One future.“, форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет.

Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни – од првите чекори во ракометот до најголемите натпревари и освоените медали. Ќе зборуваат отворено за подемите и падовите, за поддршката што ја имале, но и за предрасудите со кои се соочувале, за можностите што ги нуди балканската ракометна сцена, но и за промените што се потребни за женскиот ракомет да продолжи да расте.

Меѓу панелистките ќе биде и некогашната репрезентативка на Хрватска, а сега технички менаџер на женската репрезентација, Лидија Хорват.

„Од олимписките терени до улога зад репрезентацијата, Лидија Хорват ќе биде дел од првиот женски ракометен форум. Поранешната хрватска репрезентативка зад себе има долга и богата меѓународна кариера, настапувајќи за клубови како Локомотива Загреб, Подравка, Будуќност и Мец. Со Подравка освои повеќе шампионски и куп-титули во Хрватска, а со репрезентацијата настапуваше на бројни европски и светски првенства. Еден од најголемите моменти во нејзината кариера беше настапот на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, каде Хрватска стигна до четвртфиналето. По играчката кариера Хорват остана во ракометот. Денес е технички менаџер на женската сениорска репрезентација на Хрватска, функција што ја презеде во 2024 година. Лидија Хорват е уште еден пример дека искуството стекнато на теренот може да има важна улога во развојот на следните генерации“, се вели во најавата на РФМ за Хорват.

Посебен акцент ќе биде ставен и на истрајноста, лидерството и животот во ракометот по завршувањето на играчката кариера, како теми што се важни не само за врвните спортистки, туку и за генерациите што доаѓаат.

На едно место ќе бидат легендите, актуелните репрезентативки на Македонија, младите ракометарки од домашната сцена, како и тренери, спортски работници и луѓе кои секојдневно учествуваат во создавањето на идните генерации.

Првиот Женски ракометен форум е чекор на Ракометната федерација на Македонија кон создавање простор во кој искуството ќе се споделува, важните прашања ќе се отвораат гласно, а идеите за подобра иднина на женскиот ракомет ќе добијат свое место.