Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одлучи дека тимот на Аеродром нема право да го продолжи настапот во тековната сезона од суперлигашката конкуренција, а сите останати натпревари предвидени во натпреварувачкиот календар ќе бидат регистрирани со 10:0 во корист на секоја противничка екипа на довчерашниот суперлигаш.
Аеродром е исфрлен од Супер лигата, бидејќи не се пререгистрирал во акционерско друштво, што е законска обврска за сите клубови што се натпреваруваат во највисок ранг на натпреварување.
,,Согласно доставената информација и известување од страна на Комисијата за лиценцирање при Ракометна Федерација на Македонија, во врска со постапката за финализирање на административните формалности за процесот на трансформација на Здружението на граѓани Ракометен Клуб Аеродром во трговско односно акционерско друштво, на состанокот одржан на ден 12.02.2024 година се констатираше дека Здружението на граѓани Ракометен Клуб Аеродром ја нема исполнето законската обврска за трансформација на спортскиот субјект од здружение во трговско односно акционерско друштво согласно Законот за спорт член 6-а и член 9-а”, стои во билтенот на РФМ.
Ова значи дека продолжението од плеј-аутот наместо со осум ќе продолжи со седум екипи, па така од овој викенд, па до крајот на сезоната, во секое коло еден тим ќе биде слободен. Аеродром беше дебитант во Супер лигата и во регуларниот дел добро котираше во својата група, иако не обезбеди плеј-оф, сепак, покажа дека може да биде доста незгоден ривал.
За потсетување, тимот на Аеродром во првото коло од плеј-аутот не го одигра натпреварот со Еурофарм Пелистер 2. Тогаш ракометарите на Аеродром подигнаа транспарент на кој пишуваше „Дигни руке“, а потоа претседателот на клубот Дарко Петровски имаше кратко обраќање.
,,Нека знае целата македонска јавност дека Аеродром не се откажува од натпреварите. Тоа е по насоките на генералниот секретар на РФМ. Натпреварот од тие причини нема да се одигра. Се извинувам на гостите што ги измалтретиравме“.
Клубот ќе продолжи да функционира, но само со младите категории каде и досега имаа одлични резултати. Аеродром е актуелен првак во пионерска конкуренција, и покрај со пионерите ќе продолжи да се натпреварува и со кадетскиот тим. Некои од сегашните сениорски репрезентативци како Марко Митев и Едвин Омерагиќ потекнуваат токму од школата на Аеродром која важи за расадник на млади таленти.