ГОГ Гудме без конкуренција – вторпат по ред ја освои титулата во младинската ЛШ!

Данскиот ГОГ повторно ја освои титулата во младинската Лига на шампиони откако во финалето го совлада Фуксе Берлин со 32-26.

Во натпреварот одигран во преполната „Ланксес Арена“ во Келн, ГОГ уште во првото полувреме ја најави победата. Данците заминаа на пауза со убедлива предност од 15-9, која подоцна успешно ја зачуваа до крајот.

Најзаслужен за триумфот беше Емил Бак, кој постигна 12 гола и со вкупно 49 погодоци на четири натпревари заврши како најдобар стрелец и МВП на турнирот.

Одличен настап имаше и голманот Александер Хафстром, кој во првото полувреме забележа дури 11 одбрани и беше еден од клучните фактори за големата предност на ГОГ.

Берлин беше рамноправен до резултат 8-8, но потоа следуваше серија од 7-1 за данскиот тим, кој со цврста одбрана и сигурен голман создаде недостижна разлика.

Германците се обидоа да се вратат во игра преку одбраните на Матео Агостинели и головите на Лео Новак, кој натпреварот го заврши со девет погодоци, но ГОГ не дозволи пресврт.

Во финишот данскиот тим остана без двајца играчи поради црвени картони, но и покрај тоа успеа да ја задржи контролата и да стигне до втората титула по ред во ова натпреварување.

Во мечот за третото место, Барселона го совлада Веспрем со 29-27 и го освои бронзениот медал.