Тимот на Бурган од Кувајт е првиот финалист на Азиското клупско првенство што до утре се игра во земјата од каде што е овој клуб.
Предводник на Бурган во триумфот над катарскиот Ал Духаил со 32-31 беше јапонскиот среден бек Косуке Јасухира. „Македонскиот самурај“ биеше без грешка и успеа да постигне седум гола од седум обиди во противничката мрежа.
Покрај седумте гола, Јасухира подели и седум асистенции до соиграчите во драматичниот натпревар кој беше решен во последната минути. Катарскиот состав во чиј стручен штаб е Петар Мисовски, водеше со пет гола во повеќе наврати, на пет минути до крајот имаше плус три, 30-27, пред Јасухира да стапи на сцена.
Тој со два гола по ред го врати Бурган во живот, потоа беше и 31-31 во последната минута, пред Махмуд да го даде клучниот гол вреден финале.
Противник во битката за злато на Бурган ќе му биде победникот од дуелот меѓу Кувајт Спорт Клуб на Филип Кузмановски и Ал Калиџ на Дмитро Горига и Кристијан Пилиповиќ.

























